Во текот на следната година, проектот „ЕУ за економски раст“ ќе ја отвори грантовата шема во висина од 5.5 милиони евра за поддршка на стартап компании и микро, мали и средни претпријатија со потенцијал за раст. Проектот е ко-финансиран од Европската Унија и германското Сојузно министерство за економија и енергетика, а спроведуван од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Area Science Park од Италија.
Во периодот 14.12 – 17.12.2021 година, тимот на проектот „ЕУ за економски раст“ организираше настани за вмрежување на организациите за поддршка на бизнисите и локалните засегнати страни од Југозападниот, Североисточниот, Полошкиот регион и околината на Преспа.
Главната цел на настаните беше информирање на локалните бизниси за достапните механизми за финансиска поддршка на нивниот раст и придобивките кои тие можат да ги имаат од организациите за поддршка на бизнисите.
„Проектот „ЕУ за економски раст“ има за цел низ своите активности да даде поддршка на стартап компаниите, микро, малите и средните претпријатија и организациите за поддршка на бизнисите од помалку развиените региони во Република Северна Македонија во нивниот раст и развој, да додаде вредност во нивното работење и да придонесе кон развојот на локалната економија. Во следните три години посветено ќе работиме на подобрување на конкурентноста преку зголемување на бројот на нови компании, креирање на нови работни места, подобрување на перформансите на постоечките компании како и поддршка во креирањето на нови производи и услуги во полето на зелената и циркуларната економија, иновациите, информатичката технологија.“ изјави Марк Барет, лидер на проектот.
Од февруари 2021 година па досега, во рамките на проектните активности направено е мапирање на претприемачкиот систем во Југозападниот, Североисточниот, Полошкиот регион и околината на Преспа како и анализа на вредносните ланци кои даваат точна слика за состојбата и потенцијалот во секој од регионите.
Јован Гавриловски, советник за Југозападниот регион и Преспа, Евзи Хани, советник за Полошкиот регион и Филип Нелковски, советник за Североисточниот регион посочија дека стартап компаниите и претпријатијата треба да размислуваат во насока на тоа како да придонесат кон циркуларната економија, руралниот развој, енергетската ефикасност, дигитализацијата и иновативните решенија за модернизација на бизнисите. Фокусот на овие области ќе влијае и на креирањето на нови работни места, зајакнување на женското претпримеништво и конкурентноста на младите под 40 години.
На настанот беа присутни и претставници од стратапи и претпријатија кои ги презентираа нивните успешни приказни и резултати во развој на туризмот, дигитализацијата, руралниот развој, женското претприемништво, одржливиот туризам, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, рециклирање и призводство на амбалажа од рециклирана хартија.
Настаните се одржаа на 14.12.2021 година во Ресен, 15.12.2021 година во Охрид, 16.12.2021 година во Тетово и 17.12.2021 година во Кратово.