Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ го презентираше првиот извештај за ИКТ индустријата во Република Северна Македонија.
Околу 150 претставници од ИКТ компании, релевантни државни институции, стопански комори, донаторската заедница, како и универзитетите кои подготвуваат ИКТ работна сила, се приклучија на онлајн настанот за да ги слушнат и дискутираат заклучоците и препораките од овој извештај.

Извештајот за ИКТ индустријата се заснова на статистички анализи од повеќе извори како Државен завод за статистика, НБРМ и Централен регистар, во комбинација со повратни информации од индустријата, добиени преку прашалник спроведен со 106 ИКТ компании. Во извештајот се вклучени генерални и конкретни податоци и информации за ИКТ индустријата и пазарот, прогнози, анализа на образованието и развој на човечки ресурси во секторот, како и препораки за понатамошни истражувања и развој. Извештајот е подготвен со поддршка на Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ на Швајцарската агенција за развој и соработка, а изработен од страна на домашната компанија за истражување и консалтинг Инсајдер ИД и бонитетната агенција Таргет Груп. Дополнително, беше изготвен и Извештај за извоз на ИКТ.

На настанот се обрати Заменик Претседателот на Владата на Северна Македонија одговорен за економски прашања, г-дин Фатмир Битиќи, кој посочи дека здравствената и социо-економската криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19, го покажа значењето на ИКТ секторот, за економскиот развој и колку дигитализацијата како процес во сите сектори е важна. „Кризата нè принуди да направиме чекор напред во дигитализацијата на сите процеси, а претходно голем број од компаниите велеа дека не се подготвени за вакви промени. Ова е добар момент да го фатиме убрзано чекорот со светските трендови и развиените западни економии. Како еден од првите чекори за стимулирање на овој сектор е планот за целосно укинување на личниот данок на доход, т.е. од сегашните 10% во 2023 да биде на 0%, којшто го добивме како предлог од МАСИТ и го прифативме со намера да биде доволен поттик за задржување на професионалците во ИТ индустријата и развојот на ИТ индустријата,“ нагласи Битиќи.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер, во своето обраќање се осврна на дел од заклучоците од извештајот. „Еден од предизвиците што го забавуваат растот на ИКТ секторот е недостаток на квалификувана работна сила, тренд за кој е предвидено дека ќе расте и во иднина. За секторот да стане поотпорен на надворешни предизвици, но и за да се зголеми извозот, потребно е да се поддржи развојот на македонски ИКТ производи. Преку нашата програма ИМЕ им помогнавме на неколку ИКТ компании да развијат иновативни софтверски решенија за странски пазари“ – изјави амбасадорката Зутер, која исто така истакна дека вакви ажурирани и релевантни информации и податоци од секторот ќе им помогнат на владините институции да креираат политики засновани на истражувања, анализи и докази.
Овој извештај ќе им послужи на МАСИТ и ИКТ бизнисите да се застапуваат за подобра бизнис регулатива која ќе им овозможи на ИТ компаниите да растат и да остварат повеќе вработувања.

„Со гордост може да кажеме дека МАСИТ за прв пат располага со извештаи за ИКТ секторот и ИКТ извозот со детални и релевантни статистички податоци и информации за моменталната состојба во секторот, како и прогнози за во иднина,” истакна Анета Пешева, претседателка на Управниот одбор на МАСИТ. На основа на заклучоците и препораките од извештајот, МАСИТ ќе ги планира и приоретизира своите напори за застапување во иднина, и тоа: 1) создавање национална ИКТ стратегија за интернационализација; 2) подобрување на понудата на квалификувана работна сила; и 3) зајакнување на бизнис опкружувањето преку поповолни даночни политики во секторот. Предвидено е дека спроведувањето на овие реформи ќе придонесе за раст кај ИКТ компаниите во однос на нивниот приход, број на вработени и платите во секторот.