Американските вселенски сили (U.S. Space Force), најновата гранка на американската армија, со помош на адвертајзинг агенцијата GSD&M од Тексас, ја лансираше својата прва кампања за привлекување на регрути.
Првата видео реклама во кампањата, насловена “Purpose” („Цел“), беше објавена пред околу еден месец и на гледачите им понуди мал увид во тоа како би изгледала работата за Вселенските сили.
Пред една недела беше објавена и втората реклама насловена “Make History” („Создај историја“), која директрно ги таргетира припадниците на Генерацијата Z, поставувајќи го прашањето што претстои за човештвото во иднина и презентирајќи ја уникатната можност што Вселенските сили ја нудат на младите во полето на вселенските иновации.
„Постои нешто многу љубопитно и фасцинантно во однос на вселената и можностите која таа ги нуди благодарение на работата на Американските вселенски сили. Вселената е од суштинско значење не само во однос на тоа како ги живееме нашите секојдневни животи, туку и како војуваме. Банкомати, бензински пумпи, ГПС, електрични мрежи, мобилни телефони, комуникации, сето тоа се потпира врз мисијата на Вселенските сили. Затоа е многу важно со оваа кампања да го привлечеме внимението на најдобрите и најсјајните млади луѓе,“ истакна Џеф Маки, креативен директор во GSD&M.
На кампањата ѝ претходело истражување кое покажало дека токму Генерацијата Z е најзаинтерсирана за вселената и кариерните можности која таа ги нуди. Особен интерес покажуваат оние млади кои се насочени во областа на науката, технологијата, инжинерството и математиката и кои сакаат подобро да ги разберат вселенските системи кои влијаат врз животот на Земјата.