На 26 октомври 2018 г., во Скопје ќе биде организирана првата конференција за е-трговија во Македонија, а веќе од првата недела на септември ќе бидат пуштени картите во продажба, и тоа по специјална „early bird“ цена.
Под темата „e-Трговија: е-Иднина за е-Македонија!”, овој еднодневен настан на едно место ќе ги поврзе клучните фигури од светот на е-трговијата, кои ќе имаат можност да ги проследат последните и идните трендови на една од најекспанзивните индустрии во светски рамки, како и да ги чујат искуствата и примерите на врвни експерти од областа на е-трговијата
Конференцијата ќе се фокусира на 4 главни теми: Развој, Плаќања, Достава и Маркетинг, кои ќе бидат организирани во 10 главни предавања и 3 интерактивни панел-дискусии, во кои учество ќе земат преку 20 македонски и странски говорници со богато искуство во полето на е-трговијата. Дел од говорниците и панелистите веќе се потврдени, а меѓу нив се вбројуваат врвни експерти и клучни лица на реномирани домашни и меѓународни компании и организации како Mastercard, Македонски Телеком, оне.Вип, Grouper.mk, Seventh Dimension од Словенија, Царинска управа на РМ, IWM Network, Paket.mk, Bastet Noir итн. На конференцијата, воведно обраќање ќе имаат и г-дин Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество и администрација, како и г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, Гувернер на НБРМ.
Конференцијата е во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, која е прва и единствена асоцијација која се стреми кон инклузивна е-трговија.
„Е-трговијата е наша пасија и ние ги разбираме нашите партнери како никој друг бидејќи ние доаѓаме од бизнис-заедницата. Се соочуваме со предизвиците со кои секојдневно се соочуваат нашите соработници и нашата мисија е да ги олесниме нашите животи, да го направиме бизнисот побрз, да го олесниме работењето и да ги отстраниме административните оптоварувања во сите полиња, за да можеме сите да растеме и напредуваме заедно. Токму оттука потекна и идејата за организирање на првата конференција за е-трговија и верувам дека со бројните предавања и панели ќе успееме да одговориме на многуте прашања поврзани со е-пазарот“, изјави организаторот на конференцијата, Нина Ангеловска, Ко-основач и главен извршен директор на Grouper.mk и Претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Мисијата на оваа асоцијација е да креира иднина за раст и развој на е-трговијата во Македонија, со главна цел да ги поддржи интересите на компаниите за е-трговија, да придонесе кон знаењето за е-трговија и негово проширување, вклучувајќи ги поврзаните услуги и технологии и да ги намали и елиминира бариерите кои го ограничуваат растот и развојот на идустријата.
Оваа конференција е наменета за претприемачи и основачи на компании, економисти, маркетери, претставници од средниот и топ менаџмент и институции од поширокиот екосистем на е-трговијата, при што тие ќе имаат можност да научат за постојниот и иден развој на е-трговијата, како и да слушнат практични совети за оптимизирање на нивното онлајн присуство и подобрување на ефективноста на нивните бизниси.
За повеќе информации: www.ecommerceconference.mk