Снежана Лупевска Созен и Тихомир Петрески ги споделија своите искуства и знаење со првата група учесници на Лондонската школа за односи со јавноста
Викендов во Park Hotel&Spa во Скопје се одржа првата сесија од Лондонската школа за односи со јавноста (ЛСПР) во Скопје. Во рамки на модулот Односи со медиуми, малата избрана група учесници имаше можност да слушне како истражувачки новинар од калибарот на Снежана Лупевска Созен го гледа медиумскиот простор во нашата земја. Освен за состојбата во локалните медиуми, учесниците дискутираа и за глобалниот тренд во комуникациската индустрија и предизвиците со кои се соочуваат ПР специјалистите во секојдневната работа, а ја допреа и актуелната тема на лажните вести.
Сакам да ви го доближам начинот на кој новинарите размислуваат, како да им пристапите, како да ја конципирате информацијата за новинарите да сакаат да ја објават. Не заборавајте постојано да градите однос на доверба и соработка со новинарите – им порача Снежана Лупевска на учесниците.
Вториот модул беше одлична можност учесниците кои доаѓаат од ПР секторите на големи компании како Пивара Скопје, Мепсо, Кроација да добијат знаења како се гради корпоративен идентитет, како се одржува репутацијата и имиџот на една корпорација и да ги антиципираат ситуациите кои можат да ги загрозат. Корпоративни комуникации е комплексен модул но Тихомир Петрески, поранешен генерален директор на Пивара Скопје и основач на консултантската компанија Petreski&Partners, понуди низа примери од бизнисот кои предизвикаа интересна дискусија и многу прашања.
Kорпорациите – вели тој – подразбираат специфичен начин на функционирање и важно е да се знаат основните постулати на добра корпоративна репутација и клучните елементи на градење на корпоративниот имиџ и репутација.
Основната мисија на ЛСПР е да им обезбеди на студентите најдобро знаење во избраните области и да создаде професионалци подготвени за сите предизвици со кои може да се соочат на професионалниот пат. Традиционалниот ПР веќе не е доволен за ефикасно комуницирање во дигитален свет одговорија најголем дел од учесниците на прашањето на Тихомир Петрески што ги мотивира да бидат дел од ЛСПР.
Од позиција на новинар кој сега е дел од ПР тимот на МЕПСО, ја препознав Лондонската школа за односи за јавноста како можност да ја променам перспективата, ако претходно ги гледав нештата како новинар сега ми е важно да ја согледам и позицијата на вработените во ПР секторот на компаниите кои се обраќаат до новинарите за да ја пренесат нивната порака. – вели Виолета Зајкова.
Имам сопствена фирма и се надевам дека по Школата ќе имам повеќе знаење и подготвеност за да ги спојам маркетингот и ПР-от во претставувањето на мојот бренд пред јавност. – одговори Ирена Трајковиќ од Флоринг.
Според Катерина Јордановска Манева од Кроациа, постојано инвестирање во себе е важно како за поединецот така и за компанијата во која работи. „Kонстантното учење не прави поподготвени за секоја ситуација и предизвик на кои наидуваме во секојдневното работење.“
Лондонската школа за односи со јавноста е признаена од ITOL (Институт за обука и професионално учење), NUJ (Национална унија на новинари) и CPD (Континуиран професионален развој). Освен во Велика Британија, ЛСПР постои и во 12 други земји преку LSPR Worldwide. Учесниците се стекнуваат со меѓународно признаен лиценциран сертификат препознатлив за секој регрутер и HR специјалист во светот.