(21.08.2020) – Според одредени истражувања, на секој еден од тројца Британци најмногу што му недостигало за време на пандемијата била можноста да испие по едно пиво со своите другари. Па така, во обид да го подигне духот на нацијата, британската пивница Camden Town Brewery реши бесплатно да подели 45,000 пива, и тоа на еден навистина иновативен начин.
Се работи за анимирана телевизиска реклама која прикажува хумористична верзија на пивницата и нејзините вработени во процесот на осмилување на новата кампања. Во вториот дел од рекламата се појавува QR код, кој кога ќе се скенира директно од телевизор ве наградува со бесплатно пиво. Наградите вклучувале пакувања од 6, 12 и 24 пива, кои на добитниците им биле доставувани до дома.
Кампањата беше лансирана за време на двата полуфинални дуели од фудбалската Лига на шампиони, на 18 и 19 август, уникатно комбинирајќи различни медиуми и соодветна порака со цел да се создаде и реализира една навистина одлична идеја.
Креативната агенција која стои позади кампањата е Wieden+Kennedy London, со помош на медиската агенција Bountiful Cow и анимацискто студио Blink.