По одличните финансиски резултати во третиот квартал на годината, француската маркетинг групација Publicis Groupe е на добар пат да се искачи на првата позиција како најголема холдинг компанија во огласувачката индустрија.
По тој повод, компанијата го ангажираше американскиот рапер Снуп Дог, инаку амбасадор на овогодишните Олимписки игри во Париз, да испрати порака со желби за уште поуспешна Нова 2025 година.
Придружен од генералниот извршен директор на групацијата, Артур Садун, раперот најпрвин предлага хумористичен редизајн на логото на компанијата – куче со „кул“ темни наочари.
Садун учтиво го одбива предлогот на Снуп, преферирајќи го досегашниот лав, по што двајцата упатуваат новогодишна честитка на француски јазик и ги претставуваат своите танцувачки способности.
На крајот од видеото, со сопствен танц се приклучува и претходниот генерален директор и актуелен почесен претседател на компанијата, Морис Леви, кој што инаку бил голем фан на музиката на Снуп Дог.
Рекламата е најновото продолжение на долгогодишната традиција на Publicis Groupe да објавува хумористични новогодишни пораки во кои главните улоги ги толкуваат нивните генерални директори.