Француската холдинг-компанија Publicis Groupe ги објави финансиските резултати за третиот квартал и изненади половина од своите 96.000 вработени со доделувањето на изненадувачки бонус еднаков на една неделна плата.
Генералниот извршен директор на агенциската групација, Артур Садун, рече дека на вработените кои вообичаено не добиваат бонуси ќе им се одобри дополнителна неделна плата за да им се помогне на оние што се погодени од повисоките стапки на инфлација.
„Во контекст кога инфлацијата влијае на секојдневниот живот на многу од нив, сакаме да се осигураме дека даваме дополнителна поддршка онаму каде што е најпотребна додека влегуваме во празничната сезона. Затоа следниот месец доделуваме дополнителна еднонеделна плата на половина од членовите на нашиот тим кои немаат променливи примања, а придонеле за сето она што го постигнавме изминатата година“ – посочува Садун.
Резултатите на Publicis Groupe за третиот квартал од годината покажаа дека нето приходите на компанијата се зголемиле за над 10%. Во споредба со нето приходот на компанијата во истиот временски период во 2021 година, групацијата забележала зголемување на приходите за 23,5%.
По силниот сет на финансиски резултати, групацијата исто така ги ревидираше своите насоки за инвеститорите. Publicis Groupe сега очекува органскиот раст да се зголеми на 8,5% во текот на 2022 година (наспроти претходно очекуваните 7%), со зголемување на стапката на маржа на 18%.
Во изминатите три месеци, агенциите на Publicis Groupe успеаја да дојдат до нови деловни договори со големи брендови како McDonald’s, Walmart, ByteDance и Heineken. Групцијата исто така направи и неколку аквизиции, вклучувајќи ја консултантската компанија Changi Consulting.