Француската маркетинг групација Publicis предложи промени во структурата на управување, што ќе доведе до спојување на нејзините надзорни и управни одбори.
За понатамошна поддршка на динамиката на компанијата и лидерските тимови кои стојат зад неа, а во пресрет на крајот на неговиот мандат во 2025 година, претседателот на надзорниот одбор, Морис Леви, достави предлог за промена на управувањето со компанијата до раководните тела на Групацијата.
Со оваа промена компанијата ќе се трансформира од корпорација со двојна структура – со надзорен и управен одбор, во пораспространетиот модел на корпорација со една структура, односно само со еден Oдбор на директори.
Во оваа нова структура, Артур Садун ќе стане претседател и извршен директор на Одборот на директори. Неговото назначување ќе биде придружено со создавање на улогата на Водечки директор и зајакнување на комисиите на Одборот, како дел од добро избалансиран модел на управување и во согласност со насоките на AFEP-MEDEF.
Морис Леви, актуелниот претседател на Надзорниот одбор, ќе биде именуван за почесен претседател со цел Групацијата да продолжи да има придобивка од неговото искуство и лидерство. Покрај присуството на состаноците на одборот, Морис Леви ќе претседава со мешана група членови на одборот и директори, со јасен фокус на иновациите и иднината.
Овие промени ќе овозможат продолжување на партнерството формирано од Леви и Садун, кое во последните седум години ја предводеше Групацијата до првото место во индустријата по пазарна капитализација.
По долг и ригорозен процес, надзорниот одбор едногласно го одобри предлогот, кој ќе биде ставен на гласање пред акционерите на претстојното Годишно собрание на Publicis Groupe на 29 мај 2024 година.