Германскиот бренд за спортска опрема PUMA ја лансираше својата прва глобална бренд платформа по една деценија, насловена “Forever. Faster. – See The Game Like We Do”.
Овој потфат ја означува најголемата маркетиншка инвестиција на гигантот за спортска опрема досега, според официјалните лица на компанијата. Новата кампања доаѓа во време кога PUMA се стреми кон враќање на позицијата како лидер во сферата на „облека за перформанси“.
Концептот на кампањата се заснова врз брзината како врвна атлетска суперсила, симболично претставена со маскотата на големата мачка. PUMA ќе користи повеќеканален пристап, користејќи телевизија, социјални медиуми, односи со јавноста, надворешно огласување и промотивни акции со цел да ја пренесе својата порака.
Кампањата е поддржана со ѕвездена листа на бренд-амбасадори, вклучувајќи го фудбалерот Нејмар Јуниор, атлетичарот Мондо Дуплантис, спринтерот Карстен Ворхолм и кошаркарката Бреана Стјуарт.
„Брзината е суперсила со која великаните ја менуваат играта. Исто како и нашите светски икони Мондо Дуплантис, Карстен Ворхолм, Нејмар Јуниор или Бреана Стјуарт, знаеме дека брзината ги отклучува атлетските перформанси и победата кај секого. Преку нашата способност да ја поттикнеме брзината, PUMA ги поканува сите луѓе да ги пробијат сопствените граници, да го отклучат своето лично најдобро и да станат подобра верзија на себе, овозможувајќи им да ја гледаат играта како ние: ЗАСЕКОГАШ. ПОБРЗО.” – истакнува Арне Фројнд, генерален извршен директор на PUMA.
Кампањата означува значителна промена за PUMA. Во 2013 година, компанијата одлучи да ги обедини своите маркетиншки напори за промоција на производите од сферата на спортот и животниот стил. Сепак, оваа нова иницијатива сигнализира обновен фокус кон аспектот на перформансите како клучен за идентитетот на брендот.