Германскиот бренд за спортска опрема Puma ја лансираше својата нова кампања во пресрет на Светското фудбалско првенство, посветена на луѓето кои се спремни да ја „пронајдат сопствената бестрашност“.
Главниот триминутен спот на кампањата претставува комбинација на фудбал, мода, музика и младинска култура, вклучува тинејџери кои што се опседнати со фудбал и фудбалски ѕвезди како Нејмар, Антоан Гризман и Мемфис Депај.
Рекламата започнува во автобус каде еден од тинејџерите ја споменува „бестрашната“ состојба на умот и игра на Нејмар Јуниор. Овој збор одекнува кај пријателите и продолжува да се повторува низ целиот филм.
Како што продолжува рекламата, ликовите се предизвикуваат меѓусебно да го отелотворат чувството на бестрашност на теренот и надвор од него. Според Puma, понекогаш тоа значи да бидете мајка и истовремено да имате фудбалска кариера, да им се спротивставите на повозрасните деца на игралиште, или пак да се осмелите да ја промените музиката на некоја забава.
Повторувајќи го зборот како мантра во текот на целиот филм, Puma нагласува дека „бестрашноста“ треба да постои кај секого и во сите ситуации.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција LaFourmi и продукциската куќа Hamlet.