Германскиот бренд на кујнски мебел Schock го ангажираше легендарниот панкер Иги Поп да биде ѕвезда на нивната нова, тотално откачена и крајно чудна кампања со наслов „Home of Colorful“ („Дом на шаренилото“).
Главниот спот на кампањата се случува во дрвена колиба во некоја „мрачна“ баварска шума. Сосем неочекувано, таму се одржува скроз надреална домашна забава во која учествуваат Иги Поп и повеќе карикатурни прикази на шумски животни.
Камерата се насочува кон Иги Поп и тој го поставува прашањето: „Зошто забавите секогаш завршуваат во кујната?“, на што самиот си дава одговор: „Бидејќи таму е акцијата, бејби!“
А, потоа, следува кратка презентација на дел од производите кои ги нуди брендот. :)
Покрај главниот видеоспот, кампањата ќе биде проследена со активности на социјалните медиуми и со out-of-home реклами во германските градови.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Saint Elmo’s од Минхен.