Американски моден бренд Ralph Lauren објави ново партнерство со G2 Esports, организација со седиште во Берлин која работи со некои од најголемите имиња во светот на видеоигрите и е-спортот.
Со ова партнерство, Ralph Lauren отсега ќе биде официјален моден бренд на тимот на G2 при нивните настапни на е-спортските турнири низ светот. Притоа, новата специјална колекција на брендот вклучува капи, тренерки, дуксери, маици и друго, стилизирани во препознатливата палета на морнарско сина, златна и црвена боја на модниот бренд.
Со цел промоција на новата модна линија, двата бренда објавија високо-енергетска видео реклама која ги следи некои од најдобрите професионални гејмери од тимот на G2 како изведуваат различни активности низ дигитален пејзаж инспириран од Њујорк, анимирани во стилот на играта League of Legends. Притоа, нивните карактери носат дигитални верзии на облеката од новата колекција на Ralph Lauren.
„Возбудени сме што можеме да го објавиме значајниот чекор што го направи G2 за да се прошири понатаму во потрошувачкиот прсотор со нашата најнова соработка со Ralph Lauren. Веруваме дека партнерствата имаат огромна вредност во подобрувањето на целокупното искуство за армијата играчи на G2. Со воспоставување на овие односи, имаме за цел да ги приближиме фановите до брендот, да привлечеме нова публика и да понудиме подобри искуства за нашите обожаватели“ – истакнува Сабрина Ратих, главен оперативен директор на G2 Esports, во изјава за магазинот The Drum.
Промотивната кампања била конципирана и продуцирана од внатрешниот креативен тим на G2, Digiteyes.