Познатиот американски рапер Кендрик Ламар, заедно со својот долгогодишен соработник Дејв Фри, го најави стартот на нова глобална креативна агенција наречена Project 3 Agency. Новата компанија е продолжение на активностите на нивното креативно студио pgLang и е резултат на преземањето на креативното студио Frosty.
Агенцијата ќе нуди целосен спектар на креативни и маркетинг услуги за клиенти од различни индустрии ширум светот. Според официјалното соопштение, Project 3 Agency ќе работи од повеќе глобални центри, вклучувајќи канцеларии во Лос Анџелес, Њујорк, Лондон, Париз и во Азија, со тим од околу 30-тина професионалци.
Меѓу водечките имиња се самите Ламар и Фри, како и Грег Стогдон и Џеј Ди Остроу, поранешни менаџери во модниот бренд Burberry, што навестува амбициозна креативна насока и премостување на границите меѓу модата, музиката и комуникациите.
Лансирањето на Project 3 беше проследено со краткометражен филм по сценарио на Дејв Фри и режиран од Џек Бегерт, во кој се појавуваат Чејс Сјуи Вондерс, Лајонел Бојс и Артис Греј. Наместо класична нарација, филмот се фокусира на атмосфера, естетика и емоционална перспектива – прикажувајќи го светогледот на агенцијата и нејзиниот пристап кон раскажувањето приказни.
Со оваа иницијатива, Project 3 Agency најавува нова парадигма во креативната индустрија – фокусирана на автентичност, крос-жанровско поврзување и градење брендови кои комуницираат преку културна релевантност и уметничка длабочина.