Раперот Lil Nas X, веќе одомаќинето лице во светот на маркетингот со своите „провокативни“ кампањи како т.н. „сатански патики“, е назначен за генерален директор за влијание (chief impact officer) во американскиот бренд за брза храна Taco Bell.
Ова претставува најновото во серија партнерства кои брендовите за брза храна ги склучуваат со личности од светот на шоу-бизнисот (претходно ова лето McDonald’s склучи партнерство со раперкатa Saweetie). Lil Nas X беше посочен како очигледно решение за Taco Bell, поради тоа што раперот во повеќе наврати има споменато дека во минатото работел во Taco Bell.
Партнерството доаѓа токму во време кога Taco Bell го враќа своето мени за појадок. Во таа насока беше лансирана и првата реклама на компанијата со Lil Nas X, која промовира тостирано бурито за појадок.
Рекламата прикажува фантазија на еден супер-фан на Lil Nas X, која сонува како се дружи заедно со својот омилен рапер на некое ноќно ток-шоу. Зошто би сакала воопшто да се разбуди? Епа единственото подобро нешто од тој сон, според рекламата, е тостираното бурито на Taco Bell кое ќе го консумира за појадок.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Deutsch LA.