Американската поп-ѕвезда Кети Пери го наследи раперот Снуп Дог како заштитно лице на сервисот за достава Just Eat.
Во новото продолжение на глобалната кампања “Did somebody say” („Дали некој рече“), ја гледаме Кети Пери во разиграно и распеано издание во некаква „куклена куќа“, а притоа постојано ги менува своите шарени костими во зависност од амбиентот и оброкот кој го консумира.
Спотот е режиран од страна на Дејв Мајерс, кој претходно има работено на два музички спотови за Кети Пери – за песните “Swish Swish” и “Firework”. Пралелно со видеото слушаме и нова, поп верзија на песната “Did Somebody Say”, инаку оригинално компонирана во хип-хоп стил за претходните реклами со Снуп Дог.
„Соработката со Just Eat Takeaway.com беше навистина забавна и природна. Случајно, повеќето од моите албуми и музички епохи имаат врска со храна: од јагоди, пеперминт, до сега – печурки. Нарачувањето на готова храна е редовна саботна вечер за мене, па затоа беше забавно да се пренасочи тоа во видео кое е комбинација од работите што ми носат радост во животот: светли бои, диви облеки и игра на зборови со храна испеани преку привлечна мелодија” – посочи Кети Пери во однос на соработката со Just Eat.
Кампањата се реализира со агенцијата McCann London, која го опслужува брендот од 2018 година.