Технолошкиот гигант Apple ја претстави својата нова празнична реклама за 2025 година, во која главни ѕвезди се „распеани“ кукли на шумски животни. Филмот е режиран од Марк Молој и е целосно снимен со помош на iPhone 17 Pro.
Рекламата раскажува приказна за загубен iPhone во снежна шума, кој го наоѓаат група шумски животни. Тие го користат телефонот за да снимат забавно музичко видео со песната „Friends“ од Flight of the Conchords.
Сите девет кукли, меѓу кои и ракун и мечка, се рачно изработени со вистински занаетчиски техники. И типографијата во кампањата е создадена рачно, со печатење од дрвени блокови.
„Сакавме куклите да бидат несовршени, со сплеткано крзно и малку износен, груб изглед – како да го поминале целиот живот во шумата. Има нешто во тоа со кое луѓето можат да се поврзат и ги прави поавтентични и попривлечни“ – објаснува Тор Мајрен, потпретседател за маркетинг комуникации во Apple.
Рекламата е создадена во соработка со агенцијата TBWA\Media Arts Lab.


















