Овогодишното 94-то издание на Оскарите, кое се одржа неделата вечер, успеа да привлече поголема публика отколку минатогодишното издание, кога гледаноста падна на рекордно најниско ниво. Сепак, интересот за доделувањето на филмските награди остана низок.
На американската телевизија ABC, која ги има правата за емитување на наградната церемонија во САД, овогодишните Оскари привлекле 15.4 милиони гледачи, со рејтинг од 3.2 помеѓу возрасните лица од 18 до 49 години – според прелиминарниот извештај на Nielsen.
Овие податоци покажуваат голем раст од дури 56% во споредба со гледаноста на минатогодишното издание, кое го гледале само 9.85 милиони луѓе – рекордно најнискиот резултат.
Сепак, и покрај големиот раст, овогодишните Оскари се наоѓаат на претпоследното место на листата на гледаност. На првото место на таа листа се наоѓа изданието од 1998, кое го гледале 55.2 милиони луѓе. Тогаш, апсолутен победник на наградите беше филмот „Титаник“.
Се чини дека овогодишното издание на Оскарите помина подобро во однос на сеирот на интернет и продукцијата на интернет мемиња, „благодарение“ на шлаканицата која актерот Вил Смит му ја удри на комичарот Крис Рок.