Минатата недела во Белград се оддржа конференцијата PRO PR на која покрај останатата програма што вклучуваше предавања и панели, беа доделени и PRO PR Globe Awards признанијата за истакнати професионалци од полето на односите со јавноста.
Директорката за маркетинг и односи со јавност во Стопанска банка АД – Скопје, Ратка Тирицовска го доби признанието за подрачјето на Република Македонија. Признанието се доделува на истакнати професионалци во областа на односите со јавност кои оствариле значителни резултати во својата работа. Таа ја доби наградата како резултат на нејзината вклученост во корпоративната комуникација на Стопанска банка како еден од најзначајните македонски брендови, но и за координирањето и спроведувањето на различните општествено одговорни проекти кои Банката ги спроведува на годишно ниво, со кои го зајакнува брендот и поврзаноста со заедницата.
Добитниците на наградата PRO PR Globe се номинирани од поранешни добитници на ова признание, како и од поранешни добитници кои се членови на четирите светски асоцијации за комуникации: Асоцијација за односи со јавност и комуникации (PRCA), Меѓународна асоцијација за односи со јавност (IPRA), Меѓународна организација за комуникациски консалтинг (ICCO) и Овластен институт за односи со јавност (CIPR).
Доделени беа вкупно 24 признанија на професионалци од различни земји, како и три традиционални награди Pro PR Vision City, Pro PR Vision Manager и Infigo Award, за организации и институции кои дале значаен придонес во комуникацискиот менаџмент.