Во најновата телевизиска реклама чија ѕвезда е актерот Рајан Рејнолдс се промовираат дури три производи одеднаш – неговиот нов филм, телевизор на Самсунг и џинот Aviation.
Рекламата започнува со кадар во кој Рејнолдс е застанат пред телевизорот QLED TV на Самсунг на кој оди трејлерот за неговиот нов филм “6 Undergrund”, кој треба да започне да се емитува на Нетфликс од 13 декември. Притоа, актерот објаснува колку е всушност добар неговиот нов филм, а за да се доживее најдоброто гледачко искуство, треба да се гледа на телевизорот на Самсунг.
Меѓутоа, рекламата не завршува тука. Одеднаш на екранот се појавува реклама за џинот Aviation, во кој всушност Рејнолдс има свои сопственички акции. Режисерот го прекинува снимањето на рекламата со чудење од каде се појавил џинот, при што актерот објаснува дека купил „mid-roll“ рекламен простор за својот бренд.
Кампањата е дело на агенцијата Adam & Eve DDB New York во соработка со продукциската компанија Maximum Effort Productions, во сопственост на Рејнолдс. Покрај телевизиската реклама која ќе се емитува на национално ниво во САД, прва од таков вид за џинот Aviation, партнерството помеѓу Нетфликс и Самсунг се проширува и на веб-сајтот на технолошката компанија.
Спотот претставува уште еден пример на т.н. „самосвесен адвертајзинг“, тренд кој добива на сé поголема популарност низ светот, при што брендовите во своите реклами го нагласуваат токму тоа – дека се реклами.