Интервју со Уна Бејтовиќ сопственичка на ПР агенцијата Bejtovic Communications, Сараево и предавач на Лондонската школа за односи со јавноста во Скопје
Најголем дел од нештата што се случија во развојот на мојата кариера дојдоа и без воопшто да размислувам за нив затоа што се водев по мојата интиуција. Кога правев нови чекори ми беше многу важно да си ја задржам репутацијата на некој кој многу професионално, одговорно и квалитетно си ја извршува својата работа. Дали сум во даден момент фриленсер или сопственичка на агенција не е важно, затоа што знам дека ја работам својата работа.
Секогаш сум се занимавала со суштината, работата да се заврши како што треба односно така како што клиентот го барал тоа од нас, ја започнува својата приказна Уна Бејтовиќ.
Нејзината ПР агенција работи веќе 6 години, а ја основала после плодна и многу интересна медиумска кариера, работела во други ПР агенции, во државна управа и еден период како фриленсер.
-Кога сега ќе погледнам што сѐ сме направиле за овие 6 години чувствувам големо задоволство. Кога барав асистент му реков: „Види Емире, фирма нема, нема ни канцеларии ама ќе има. Но ако ти и јас немаме добар однос, тогаш нема да има ништо.“ Денеска тој седи во канцеларија, во шестата година од работењето, во реновирани простории, а не беше така кога почнувавме. Минавме низ различни фази, но никогаш не сум била личност што би го запоставила квалитетот на услугата кон клиентите, а за сметка на тоа да работиме во ултра фенси простории и на другите да им покажеме дека сме cool.
Да им покаже на другите дека е cool, би се рекло дека е сувишно во нејзиниот случај, бидејќи ја краси вистинскиот и неизвештачен урбан дух на Сараево, кој не се докажува туку е ангажиран. Јасност на мислата, длабока посветеност на внатрешното битие, беспрекорна дикција, развиена емпатија и изразеното чувство за стварноста што ја опкружува, ѝ овозможуваат храбро да чекори по избраниот пат.
-Мојот пат сигурно беше подолг бидејќи немам политички бекграунд. Се занимавам со овој бизнис, а не сум член на ниедна политичка партија. Слободна сум, а тоа е најголемиот луксуз што може некој себеси да си го дозволи, зборувајќи од позиција на тоа како функционира бизнисот денес во БиХ. Мојата успешност и сериозност во оваа работа се гледа во фактот што ниеден клиент ние не сме го барале туку тие сами доаѓале кај нас.
Таткото херој од детството
Таа е пример за тоа колку исполнетото и креативно детство може да обликува храбри и интуитивни поединци. Нејзиниот татко, Сеад Бејтовиќ е глумачки бард чие име и денес го носи малата сцена на Театарот за млади во Сараево. Меѓу другото, тој бил и еден од првите во Сараево кои работеле на синхронизација на цртани филмови.
-Во детството имав привилегија, за разлика од другите деца кои ликовите од цртаните филмови ги гледаа на ТВ, да пораснам како ќерка на еден од тие ликови. Мојот татко беше Душко Долгоушко и Дедо Мраз па можете да замислите како изгледаше моето детство. Нѝ беше апсолутен херој. Дури и во мојата детска градинка доаѓаше да го глуми Дедо Мраз. Иако знаев дека е тој уживав во целата претстава.
Опкружувањето во кое пораснала, вели, ја одредило како човек и на различни начини довело до она што е денес.
– Не сум глумица, но сум на сцена. Од мајка ми, која беше трговец, го наследив претприемачкиот дух, а од татко ми уметничката посветеност на работата. Кога сте глумец и спремате улога тоа трае со денови се додека не се постигне она што е спремно за да се изведе пред публика. Импровизации има, но само кога станува збор за врвни глумци кои имаат добра подготовка и меѓусебно се позанваат. Јас всушност цел живот модерирам – од моментот кога ги викав децата во градинка за да ги известам дека родителите дошле по нив, преку кариерата во радио и ТВ па до сега во Пр-от.
Во основно училиште била член на драмската секција на ТВ Сараево каде се учело убаво говорење и дикција. Одела на натпревари по рецитирање каде татко и бил член на жири и никогаш не победувала. Првата година кога тој не бил во жири освоила прво место. Одела и на часови по класичен балет и таму научила колку одрекување е потребно за една игра да изгледа совршено.
-Всушност балетот е приказна за моите кариера и живот – за сѐ беше потребно време, занаетот да се испече, многу труд, вложување, познавање на себеси и верба во себе.
Ангажманот на радио и започал 1993г и таму останала до 2000г. Кариерата ја продолжила на ТВ што траело до 2003. Јазикот, вели, бил нејзиниот алат за работа. Паралелно завршила студии по Книжевност на Филозофскиот Факултет во Сараево.
-Сум ги работела сите формати – свечени отворања и затворања, директни ТВ преноси, прес конференции, дебати, тркалезни маси, рок и фолк концерти, го отворив концертот на Дино Мерлин пред 70 000 луѓе….Често слушам од луѓето во моето опкружување „Како ти тоа спонтано го правиш“, а мојот одговор е „Вежбам еве веќе 25 години“.
МЕСС како најголема професионална љубов
Вели дека во нејзината кариера страсно влегувала онаму каде срцето ја влечело. Кога ќе почувствувала дека во одредена работа по извесно време веќе нема возбудување, заминувала. ТВ кариерата ја завршила во моментот кога, како што вели, била најексплоатирано ТВ лице во БИХ. Тогаш магистрирала и одлучила да направи пресврт, па по една деценија во медиуми се решила за односи со јавноста. И во ПР-от се барала себеси, менувала агенции и работодавачи за во 2009 да се одлучи да биде фриленсер.
– Во тој момент немав никаков план. Тоа е многу необично, велат и храбро, но за мене тогаш беше единствено исправно бидејќи така се чувствував. Знаете разликата меѓу ПР и адвертајзинг е тоа што ние сме word а тие се excel.
Нејзиниот прв голем проект како фриленсер бил фестивалот МЕСС, интернационален театарски фестивал кој оваа година го прославува својот 59-ти роденден. Тоа било логичен след на големата љубов кон театарот што се негувала во нејзиниот семеен дом.
-Две години пред мојот прв МЕСС, татко ми ја доби наградата за животно дело, Златен ловоров венец за придонес во театарската уметност. МЕСС е моето проширено семејство. Таа година, Дино Мустафиќ како директотр на фестивалот многу добро знаеше што значи да се има добар фестивалски ПР, се случи синергија, соработка, почитување и пријателство. Зад мене се 10 фестивали и тоа е единствен проект за кого се појавувам во јавноста и давам изјави. МЕСС не е само бренд туку и цивилизациска вредност. МЕСС ми е најголема љубов од сите проекти што сум ги работела.
Успехот се луѓето
Момент во кој се одлучува да заврши со фриленсинг и да основа своја агенција е 2013г кога ја добила наградата ПроПР за придонес во развојот на односите со јавноста во БИХ.
-Сфатив дека сум го потрошила фриленсер концептот, завршување на работите во пижами, во ресторани, на неформални дружења. Сакав да ја направам мојата работа посериозна иако максимално сериозно ја работев. Така на 1 јануари 2014 година почна да работи Bejtovic Communications.
Свесно избрав во името на мојата агенција да стои моето презиме бидејќи сум свесна дека луѓето го поврзуваат со квалитет, принципи и интегритет. Се сеќавам дека по комеморацијата за татко ми, во Грација излезе текст со наслов „Заминувањето на чесен и добар човек“. Без оглед на тоа што беше врвен уметник, кога заминуваме другите нѐ паметат по тоа што сме биле чесни и добри луѓе.
Вели дека агенцијата и е платформа за дружење со луѓе и креирање добри приказни.
-Тоа е дружење низ бизнис, но бизнисот се луѓето кои имаат свои животи, семејства, деца, проблеми и затоа сакам да биде нашиот однос човечки, хуман и достоинствен. Мислам дека луѓето го чувствуваат тоа кај мене и затоа нѝ се враќаат. Негуваме човечка комуникација бидејќи ги разбираме приказните што ги работиме.
Незјиниот концепт, вели, не се разликува многу од другите ПР агенции но смета дека луѓето ја бираат токму поради страствениот пристап, посветеноста, спремноста да се „изгори“ за идеја и проект.
-Има секако и проекти што сум ги одработила со помалку ентузијазам бидејќи со време научувате дека некои работи мора да се одработат за да се платат сметките. Тоа е одговорност кон себе и кон вработените.
Сака да има дополнителен емотивен набој во сѐ што работи можеби и повеќе отколку тоа што го сакаат луѓето во бизнис светот.
-Не мислам дека луѓето треба да се притискаат со таргети. Луѓето се притискаат за да се зголеми лагодноста на неколкумина што се на чело на корпорацијата. Таков вид планирање и бизнис не одобрувам. Ако некој е поуспешен од нас дали тоа значи дека луѓето кои работат таму се посреќни? Ако не, тогаш за мене тој успех не значи ништо бидејќи на оној свет не носиме бројки. Луѓето ги памтат односите-луѓето ги памтат добрите луѓе.
Благодарение на повеќегодишното искуство во оваа област Уна ја пишува првата книга за модерирање во регионот.
-Модерирањето е вештина и уметност и во книгата сакам оваа тема да се анализира низ повеќе дименизии. Тоа ќе биде пат кон отворање на школи за модерирање и комуникациски вештини со цел да се образува кадар кој ќе го направи јавниот дискурс поквалитетен. Сакам луѓето да ги завладеат јазикот и реториката, подобро да се презентираат себеси и проектите на кои работат.
Тоа е патот по кој сака да се развива нејзината агенција, но и таа како поединец да биде корисна за заедницата. Убаво е да има некој кој ќе ви отвори врата, ќе ви даде некоја вештина токму затоа таа е редовно вклучена како предавач на Лондонската школа за односи со јавноста во регионот.
-Да се биде професионалец во односите со јавноста значи да се биде образован. Во таа смисла ЛСПР ја пополни огромната празнина во стручната наобразба од оваа област во целиот регион. Мене лично кариерата во ПР ми почна така што бев на напредната програма во Марибор во 2004, потоа водев една генерација во БиХ, а годинава добив покана да бидам предавач на два модули во Сараево и еден во Скопје. Особено ми е драго што имав можност да предавам на Школата во Скопје. Како што е ПР-от интердисциплинарен, така е и Лондонската школа осмислена луѓето од различни бранши и од различни сектори на комуникацискиот бизнис да се дообразуваат и научат нови вештини кои ќе им бидат корисни во секојдневието.
Извор – eKapija