Поминаа неколку денови од одржувањето на првиот пост-корона митинг за реизбор на американскиот претседател Доналд Трамп во градот Тулса, Оклахома (саботата, 20 јуни). Прашината слегна и конечно може да се седне и да се направи малку пообјективна анализа. А прашина се дигна, но не поради настапот на претседателот. Луѓето добија она што и се очекуваше – мешавина на политички говор и стенд-ап комедија. Прашината се дигна поради бројките на посетеност и гледаност.
Имено, факт е дека митингот имаше многу слаба посетеност – можеби еден од најслабите митинзи на Трамп во однос на тој параметар. Од вкупно 19,000 седишта во арената BOK Center, само 6,200 се пополнија. Навистина разочарувачки за таборот на Трамп, од каде претходните денови се фалеа со 1 милион онлајн регистрации за митингот. Мораа да го откажат дури и настанот на отворено пред самата арена.
Но, да бидеме јасни, исто така факт е дека ниската посетеност немаше врска со Тик-Ток. Ако не сте запознаени со муабетот, еве во кратки црти – недела дена пред одржувањето на митингот, на социјалната мрежа Тик-Ток се рашири „меме“ за лажна онлајн регистрација на митингот на Трамп т.е. вештачки да се „напумпа“ бројката на очекувани посетители.
По одржувањето на митингот, претставници од спортивниот табор на Демократите се исмеваа со неговата ниска посетеност, истакнувајќи дека Трамп бил „прелажан од тинејџери и фанови на корејски поп на Тик-Ток“. Мора да се посочи дека е и малку дволично од луѓе кои неколку години ревносно обвинуваа дека Трамп победил на изборите поради странско („руско“) влијание во избирачкиот процес и пропаганда на социјалните медиуми, за сега да се ситат на мешање во тој процес на корисници од кинеска социјална платформа. Но, да се вратиме на главната поента.
Фактот е дека онлајн регистрацијата во случајот нема никаква врска со реалната посетеност, бидејќи регистрацијата не претставува и резервација на седишта. Арената се пополнува на принципот прв дојден – прв услужен. Дури и 1 милијарда луѓе да се регистрираа онлајн, посетеноста ќе беше иста. Ако нешто, напумпана бројка на регистрации само можеше да му оди во прилог на Трамп, за фалење со „огромна онлајн поддршка“, како што и беше случајот со наводните 1 милион регистрации. За да ја претстават таа бројка како органска, членови на изборниот штаб на Трамп соопштија дека биле свесни за играта на Тик-Ток корисниците и дека добро знаеле да разликуваат кои се вистински регистрации, а кои не – и тие воопшто не ги броеле. Колку е тоа точно, никогаш не ќе дознаеме.
Но, колку што е нереална теоријата на Демократите дека тинејџери на Тик-Ток го „паднаа“ митингот на Трамп, толку е нереално и оправдувањето на Републиканците дека „насилни протестирачи“ ги спречиле луѓето да присуствуваат. Да, навистина имаше некој протест во близина, но полицијата успеа да овозможи релативно безбеден пристап до спортскиот центар каде се одржуваше митингот. Едноставно, поддржувачите на Трамп не се појавија во посакуваниот број за претседателот.
Сега веќе доаѓаме до легитимни прашања за тоа која е вистинската причина за ниската посетеност на митингот: Дали ентузијазмот за реизбор на претседателот е паднат? Дали победи стравот од корона вирусот? Дали луѓето едноставно не сакаат да бидат видени на митинг на Трамп во овие немирни американски времиња поради страв од подоцнежни реперкусии? Можеби дел не сакале да ја поминат својата сабота вечер на митинг? Можеби е комбинација од сите овие фактори и некои други?
Меѓутоа, ако нешто може да влее надеж кај таборот на Трамп дека ниската посетеност на митингот и не беше толку страшна е неговата гледаност. Можеби беше најлош митинг во однос на посетеност, но митингот ги сруши сите рекорди на телевизиска и онлајн гледаност.
Преносот од митингот кој се емитувал на главниот про-републикански телевизиски канал во САД, Fox News, го гледале скоро 7,7 милиони гледачи. Тоа е воедно и најголемата гледаност која Fox News ја имал во една саботна вечер во историјата. Во историјата. За споредба, про-демократските канали CNN и MSNBC, кои не го пренесувале митингот, заедно, вкупно собрале 4,1 милиони гледачи таа вечер – скоро дупло помалку.
Дигиталните канали на изборната кампања на Трамп собрале 4 до 5 милиони онлајн стримови на митингот. Да не зборуваме и за останатите интернет канали и телевизии кои вршеа пренос.
Навистина, посетеноста на митингот беше катастрофална, но тој истовремено е и можеби најгледаниот политички митинг во историјата на САД. Секако тоа не значи дека сите тие луѓе ќе гласаат за Трамп. Можеби само сакале да видат што ќе каже претседателот, можеби само да се насмеат и да поминат забавни 2-3 часа пред телевизор.
Како сето ова ќе се одрази врз изборите во ноември, нема човек што со сигурност може да каже. Интересно ќе биде да се види каква ќе биде посетеноста и гледаноста на останатите митинзи. Интересни ќе бидат и телевизиските дебати помеѓу кандидатите. Но, исто така е интересно да се размислува и што сé ова значи за иднината на политиката и политичките кампањи, за митинзите и новите дигитални времиња пред нас.