Најголемата телевизиска мрежа за храна и готвење во Азија, Asian Food Network (AFN), ги шокираше своите фанови со цел да ја подигне свесноста за чиста животна средина. Како дел од кампања создадена во соработка со организацијата World Wide Fund for Nature (WWF), познати готвачи од телевизијата презентираа „вкусни“ морски рецепти во кои буквално додаваа и пластични состојки, како што се исечени пластични шишиња и изрендани пластични сламки.
Рецептите се најновото дополнување во тековната кампања „Your Plastic Diet“, создадена од агенцијата Grey Malaysia, која беше лансирана минатата година за да му помогне на WWF во лобирањето за нов глобален договор за намалување на пластичното загадување.
Кампањата ја подигнува јавната свест за тоа како масовното пластично загадување води до внесувањето на микропластични честици во човечкиот организам преку исхраната. Едно истражување на Универзитетот во Њукасл покажа дека луѓето во просек консумираат по пет грама пластика неделно, што е еднакво како да сте изеле една кредитна картичка.