Американскиот дневен весник „Њујорк тајмс“ ја одобри употребата на вештачка интелигенција во рамки на својата редакција за исполнување на одредени задачи, притоа поставувајќи строги насоки за да се осигура дека човечките новинари ќе останат во срцето на неговото известување.
Ваквата одлука била споделена преку е-пошта со членовите на редакцијата, при што весникот претстави нова внатрешна алатка за резимирање наречена Echo, заедно со одобрување за употреба на други програми со вештачка интелигенција од трети страни како GitHub Copilot, Google Vertex AI и OpenAI API.
Овие алатки се наменети да ја поедностават и забрзааат работата на новинарите преку помагање во задачи како што се сумирање брифинзи, изготвување наслови погодни за оптимизација на пребарувачи, генерирање пропратен текст за објави на социјалните мрежи и помош при пишувањето на програмски кодови.
Меѓутоа, „Њујорк тајмс“ јасно стави до знаење дека вештачката интелигенција нема да се користи за пишување или драстично уредување на статии. Наместо тоа, ќе функционира како помошно средство за новинарите, поддржувајќи ја нивната работа наместо да ги заменува. Секоја содржина генерирана од вештачка интелигенција мора да биде прегледана и соодветно означена за да се обезбеди транспарентност со читателите.
Одлуката за интегрирање на вештачката интелигенција во работата на редакцијата доаѓа во време кога „Њујорк тајмс“ е ангажиран во правни битки против неколку технолошки компании поради наводната неовластена употреба на нивните содржини за обука на модели со вештачка интелигенција. Иако компанијата сега ја прифаќа вештачката интелигенција за внатрешна ефикасност, таа останува цврсто на позицијата за заштитата на својата интелектуална сопственост и определбата дека новинаството мора да биде резултат на човечка експертиза.