Онлајн платформата Reddit се ребрендираше во црно во знак на поддршка на протестите против расизмот и полициската бруталност во САД.
Исто така, соосновачот на компанијата Алексис Оханијан си даде оставка од бордот на директори со цел да се посвети на борбата против омразата и расизмот. Тој ја повика компанијата да го додели неговото место во бордот на афро-американски кандидат.
„Дадов оставка како член на бордот на Reddit и ги повикувам да го пополнат моето место со црн кандидат. Идната добивка од моите акции во Reddit ќе ја користам за да ѝ помогнам на црната заедница, главно за спречување на расната омраза и започнувам со донација од 1 милион американски долари на организацијата Know Your Rights Camp на Колин Каперник,“ напиша Оханијан во своето официјално соопштение по повод оставката.
Генералниот извршен директор, соосновач на компанијата и пријател на Оханијан, Стив Хуфман, изјави дека Reddit планира да го испочитува неговото барање и да назначи афро-американски кандидат на неговата позиција.
Инаку, Алексис Оханијан е сопруг на познатата афро-американската тенисерка Серена Вилијамс, со која има и ќерка.
„Одамна е поминато времето да се направи правилната работа. Го правам ова за себе, за својата фамилија и за својата држава. Го пишувам ова како татко кој треба да може да одговори на својата црна ќерка кога таа ќе праша: Што направи ти?“, истакна Оханијан.