Социјалната мрежа Snapchat во партнерство со модниот магазин Vogue ја претставија изложбата на проширена реалност “Vogue x Snapchat: Redefining the Body” („Редефинирање на телото“), курирана од страна на Едвард Енинфул.
Изложбата е резултат на блиската соработка помеѓу британскиот Vogue и Snapchat, илустрирајќи како физичките модни дизајни може да се подобрат и трансформираат преку иновативни дигитални искуства и специјалните леќи на проширена реалност на Snapchat.
Изложбата е поставена во Centre d’art La Malmaison, во Кан, Франција, паралелно со одржувањето на меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions.
Посетителите можат да прошетаат низ специјално дизајнирани соби во кои се прикажани архивирани, современи и ексклузивни модни дизајни од брендовите Balenciaga, Dior, Gucci, Kenneth Ize, Richard Quinn, Stella McCartney и Versace. Изложбената фасада е дигитално „завиткана“ од дизајнери користејќи ја технологијата Landmarker на Snapchat, трансформирајќи ја надворешноста на зградата.
Корисниците на Snapchat ширум светот исто така ќе можат да се придружат на забавата, бидејќи дигиталните „леќи“ од овие дизајнери се достапни во апликацијата и може да се најдат во делот Dress Up на Lens Explorer.
Дигиталните искуства на проширена реалност беа развиени во соработка со Arcadia, Atomic Digital Design и новоформираното париско AR студио на Snapchat, кое е фокусирано на зајакнување и едукација на следната генерација креатори да го инспирираат светот за можностите на проширената реалност во уметноста, образованието и културата.