Пријавите за новото издание на BalCannes завршија на 4 февруари, а повеќе од 220 пријавени проекти – со што е надминат досегашниот рекорд на BalCannes – го потврдуваат континуираниот раст и развој на регионалната комуникациска индустрија. BalCannes и понатаму функционира како заедничка платформа што овозможува преглед и споредба на релевантни креативни проекти од регионот, со фокус на размена на знаења, видливост и професионални стандарди.
Годинешните пријави донесуваат и низа интересни статистички согледувања. Новата натпреварувачка група „Best in Channel“ уште во своето прво издание предизвика голем интерес и опфаќа повеќе од 50% од сите пријавени проекти, со застапеност во сите категории, што дополнително ја потврдува важноста и силата на сите комуникациски канали. Во рамки на оваа група, најзастапена е категоријата „Best TV Spot & Film“, која учествува со 18,4% од вкупниот број пријави. Во исто време, категоријата „Best of Positive Change“ оваа година дополнително се развива и се проширува на пет области – „Environment & Sustainability“, „Equality, Diversity & Inclusion“, „Health & Well-being“, „Education & Empowerment“ и „Community & Culture“ – при што убедливо најзастапена е „Health & Well-being“, со дури 42% од пријавите во рамки на оваа група.
„Најмногу ме радува можноста да им се вратам на идеите што ме потсетуваат зошто воопшто се заљубив во оваа индустрија. Сакам да му помогнам на жирито да ги препознае идеите што јасно се издвојуваат, оставаат трага во културата и носат вистинска, мерлива вредност“, истакна Мартин Атанасовски, претседател на жирито на огласувачите.
BalCannes нуди преглед на најрелевантните креативни проекти од Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија. Сега следува процесот на оценување, во кој клучна улога имаат членовите на жирито на BalCannes, задолжени за избор на финалистите кои на фестивалот Денови на комуникациите ќе имаат можност да ги освојат овие престижни награди. Најдобрите проекти ќе бидат претставени и во новото издание на „BalCannes Report“, кое ќе биде објавено по прогласувањето на добитниците.
На овогодинешниот успех на натпреварот се осврна и Јелена Фишкуш, претседателка на жирито на агенциите: „BalCannes оваа година ги надмина сите рекорди по бројот на пријави, што значи дека и Организацискиот одбор и Стручниот совет, кој ги поврзува експертите од сите пазари во регионот, завршија одлична работа при дефинирањето на натпреварот и категориите, а агенциите и огласувачите – при креирањето кампањи на кои се горди. Пред нас се динамични денови на жириранје. Увидот во пресекот на најдобрите проекти во регионот секогаш е драгоцено искуство, а особено се радувам на аргументираните анализи со колегите од жирито, кои ќе донесат автентични и стручни согледувања, секој од своето пазарно опкружување. Во тоа и е убавината на BalCannes – нè поврзува, ни носи поучни информации од различни перспективи и делови на регионот и се обидува да постави своевиден benchmark за извонредноста кон која сите тежнееме во ова што го работиме.“
Најуспешните проекти ќе бидат свечено наградени на доделата на наградите во рамки на новото издание на Денови на комуникациите, кое ќе се одржи од 7 до 10 мај 2026 година во Ровињ.
Повеќе информации за натпреварот и за Денови на комуникациите се достапни на официјалната веб-страница.















