(РЕГИОН) – Денеска во Сараево, Босна и Херцеговина, во организација на порталот Media-marketing се организира конференција на која е најавено дека ќе присуствуваат сите регионални добитници на топ награди од најголемиот светски креативен фестивал Cannes Lions.
Во главна улога секако дека ќе биде Македонија, земја која има освоено вкупно 3 кански лавови и земја каде е донесен воопшто првиот кански лав во целиот регион.
Претставници од Македонија ќе бидат Владимир Димовски, денеска Главен Оперативен Директор на Меккен Адриатик групацијата, кој како директор на Меккен Скопје имаше можност во 2009 година на регионот да му го донесе првиот златен лав од Кан и Душан Дракалски, регионалниот креативен директор на Њу Момент кој досега има освоено вкупно три кански лава од кои два со Њу Момент Скопје.
Останати гости на настанот се и Владимир Ќосиќ, креативен директор во Меккен Белград, Тони Томашек, креативен директор на Публицис Словенија, Жарко Вељковиќ, креативен директор во Сачи&Сачи Белград и Ивана Зеновиќ, креативен директор во Сачи&Сачи Белград.
Покрај погореспоменатите гости кои ќе зборуваат за нивните искуства врзани со добивањето на наградите од најпрестижниот светски креативен фестивал, пред посетителите на конференцијата ќе бидат презентирани и некои од најдобрите проекти од минатогодишното издание на фестивалот.