Францускиот автомобилски бренд Renault, во партнерство со репрезентацијата на Франција во рагби, лансираше нова кампања насловена “La Réinvention” („Реинвенција/повторно откривање“).
Кампањата ја слави овогодишната победа на француската рагби репрезентација на Шампионатот на Шесте Нации, а треба да го подигне моралот на играчите и навивачите за претстојното Светско првенство во 2023 година.
Во центарот на кампањата се наоѓа едноминутен забавен видео-спот со историска тематика во која главни ѕвезди се менаџерот на репрезентацијата Рафаел Ибанез и репрезентативците Камерон Воки, Шарл Оливон, Дамиен Пено и Дилан Кретин.
На еден хумористичен начин, во спотот ги гледаме француските инвенции во светот на спортот низ вековите, како првата автомобилска трка, првиот тениски натпревар и првиот натпревар во француски бокс. Но, за разлика од овие спортови, рагбито не е откриено од Французите, но е реосмислено и револуционеризирано, односно „повторно откриено“.
Автомобилскиот бренд Renault се јавува како верен следбеник и поддржувач на францускиот спорт, но и како компанија која активно работи на реосмислување и револуционеризирање во сопствената индустрија.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Publicis Conseil и продукциското студио Partizan.