Предизборната кампања за претседателските избори во Соединетите Американски Држави, кои се одржуваат на 3 ноември, се одвива за време на пандемија која ги менува и економскиот и социјалниот живот. Како и во секоја криза, постојат губитници и профитери. На добитничката страна е индустријата за видео игри.
За време на пандемија, луѓето поминуваат повеќе време во своите домови. Продажбата на конзоли, претплати на игри и поединечни видео игри е во пораст.
Играта „Animal Crossing: New Horizons“ се појави во март 2020 година и стана еден од најбараните производите во кризата. Во играта, играчите се наоѓаат на остров каде ловат риба, протресуват дрвја додека не падне некој плод, градат куќи и разговараат со животни кои во играта знаат да зборуваат. Досега, видео играта е купена 22,4 милиони пати ширум светот.
Тој успех го користат политичките активисти, како и политичарите. Тие се обидуваат со посредство на игрите да го привлечат вниманието на луѓето во нивните дневни простории. Така во играта „Animal Crossing“, активист на движењето „Black Lives Matter“ на еден остров направи споменици на Џорџ Флојд и други афроамериканци кои беа жртви на полициско насилство.
Виртуелни демонстрации на движењето се одвиваа и во други видео игри како „The Sims“, „Grand Theft Auto“ или „World of Warcraft“. За време на пандемиската забрана за собири, активистите на демократското движење во Хонг Конг ги преместија протестите во виртуелниот свет, во „Animal Crossing“, правејќи плакат „Free Hongkong, revolution now“.
Политичарката на Демократската партија, Александрија Оказио-Кортез, направи предизборна кампања со својата фигура во играта „Animal Crossing“, пренесувајќи им лични пораки на островјаните. Од пред неколку недели, играчите можат да истакнат предизборни транспаренти со имињата на Џо Бајден и Камала Харис во нивната виртуелна градина. Но, во играта нема официјални транспаренти со името на Доналд Трамп. Тој продолжува да ги насочува своите предизборни ресурси кон реалниот свет со „вистинските Американци“.
Веќе неколку години наназад постојат видео игри што се прават специјално за предизборни кампањи и одредени политичари и партии. Но, нивниот домет е мал. Во комерцијалните видео игри е поинаку. Рекламирањето не е главен, туку спореден производ.
Сепак, се`до денес, рекламирањето е исклучок во видео игрите. „Комерцијалното рекламирање во видео игрите никогаш не го достигна нивото кое еуфорично се предвидуваше пред десет години“, вели комуникологот Кристоф Климт. Тој додава дека ова особено важи за политичкото рекламирање. Според него, причината се техничките ограничувања: „Видео игрите се незгодни. Техничката интеграција на рекламите е доста тешка, бидејќи станува збор за интерактивен софтвер“. Климт додава дека токму затоа компаниите се двоумат пред да одлучат да ги интегрираат рекламите во видео игрите.
Џулиус ван дер Лар, кој ја водеше предизборната кампања за Барак Обама во 2008 година, вели дека рекламирањето е секогаш прашање на расположливи пари. Обама беше првиот политичар кој користеше рекламирање во видео игри. Тој ги пласираше своите пораки и својот лик во 18 познати игри, меѓу кои беа „NBA Live 08“ или „Burnout Paradise“.
„Имавме неверојатно паметен тим за предизборната кампања. А, во 2008 година бевме толку добро финансирани што имавме слободни ресурси да пробаме вакви работи“, вели Ван дер Лар.
Ван дер Лар верува дека влијанието на ваквото рекламирање врз одлуките на гласачите е мало. Играчите се фокусирани на дејството што се случува на екраните, а не на рекламните пораки. Целната група се всушност класичните медиуми: „Тоа е тактичка мерка со која на одредени целни групи им покажувате дека изборната кампања е иновативна и со тоа генерирате класично известување“, вели тој, додавајќи дека рекламирањето во видео игрите е „убаво играње“.
Рекламирањето може да смета, тоа го знае секој што гледа филм на приватна телевизија или чека да започне некое видео на YouTube. Мала, но исклучително гласна група обожаватели на некои игри е многу чувствителна кога станува збор за нивната омилена активност. Според нивните желби, игрите треба да бидат без карактер од ЛГБТ заедницата, без луѓе од црната раса доколку бидат поставени во европскиот среден век, тие ќе мора да ги игнорираат воените злосторства и да бидат целосно аполитички.
Досега, креаторите на игрите ги исполнувале тие желби: „Големите концерни од индустријата за забава, кои преовладуваат и во филмската индустрија и во индустријата на видео игри, имаат амбивалентен однос кон политиката“, вели комуникологот Кристоф Климт. „На крајот на краиштата, тие се обидуваат да се држат настрана од неа“.
Сложената политика и тешко разбирливата содржина интуитивно се перципираат како непријатност. Климт верува дека затоа креаторите на игри едноставно ги изоставуваат. „Не знам дали тоа и` изгледа добро на публиката. Но, луѓето кои вложуваат многу време и пари во видео игри се првенствено заинтересирани за интензивно искуство во видео игрите и не сакаат да се нервираат со политичка комплексност или поправање на светот“.
Сепак, тој смета дека политиката и видео игрите не мора да се исклучуваат меѓусебно и дека елегантно интегрирање на политички или оптествени пораки во забавната компонента на играта е креативен предизвик. „Ако оваа задача е добро решена, тогаш постои огромен политички потенцијал во оваа област“, вели Климт.
Извор: DW