Агенцијата за Храна и Ветеринарство на Република Македонија на својот веб сајт информираше дека од неодамна го донесе Правилникот за здравствени и нутритивни тврдења во комерцијални цели при означување, презентација и рекламирање на храната во Република Македонија,
Со овој Правилник се утврдуваат правилата и барањата кои треба да ги исполнат прехранбените производи за употреба на нутритивни и здравствени тврдења во комерцијални цели при означување, за време на презентација и при рекламирање на прехранбените производи. Одредбите од овој правилник не се применуват за производи кои се во рефус или рефузна состојба ( вклучувајќи и свежо овошје и зеленчук или леб).
Правилникот е веќе на сила, а ќе почне да се применува од 1 јануари 2014 година. Дотогаш, операторите со храна, маркетинг агенциите, медиумите и сите останати ќе треба да го прилагодат своето работење со одредбите од овој Правилник, кој се однесува не само на означувањето на производите од аспект на означување на нутритивни и здравствени тврдења во комерцијални цели, туку и на сите материјали за промоција ( брошури, флаери и слично) на одреден производ и за рекламирање на производот.
Истакнувањето на нутритивните и здравствените тврдења не е обврзувачко за операторите со храна, но, ако операторот реши да ги употреби во комерцијални цели, задолжително мора ги усогласи со одредбите од овој Правилник.
Нутритивните тврдења и барањата кои треба да ги исполнува производот се определени и дадени во прилогот број 1 во Правилникот.
Здравствените тврдења ќе подлежат на претходно одобрување од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Агенцијата за храна и ветеринарство воведе процедура за одобрување на здравствените тврдења кои ќе се применуваат во Република Македонија.
Во Агенцијата е формирана комисија за здравствени тврдења, која ќе работи според точно определена процедура. За таа цел Агенцијата за храна и ветеринарство подготви Упатство, врз основа на кое ќе се врши одобрување на здравствените тврдења за нивната примена во комерцијални цели на означувањето на производот, при презентација на производот и при рекламирање на производот.
Здравствените тврдења на означувањата на храната не се дел од задолжителното означување на храната, но ако операторот со храна сака на својот производ да стави здравствено тврдење, тогаш тој оператор мора да ги следи правилата од Правилникот и да поднесе до Агенцијата барање за одобрување на здравственото тврдење и соодветна документација.
Барањето треба да ги содржи следните податоци и документација:
– име и адреса на барателот;
– хранливата материја или друга супстанца, или прехранбен производ или категорија на прехранбениот производ, во однос на која треба да се истакне здравственото тврдење, како и нејзините карактеристични својства;
– копија од истражувачка работа, вклучувајќи, кога е достапна, и независна ревизија за истата, која била извршена во однос на здравственото тврдење и секаков друг материјал кој е достапен за да се покаже дека здравственото тврдење е во согласност со критериумите утврдени во Правилникот за нутритивни и здравствени тврдења во комерцијални цели при означување, презентација и рекламирање на храната.
– укажување на информации кои треба да се сметаат за сопственички, придружени со оправдување кое може да се потврди.
– копија на други научни истражувања кои се релевантни за тоа здравствено тврдење.
– предлог за текстот на здравственото тврдење за кое се бара одобрение вклучувајќи, ги и посебните услови за употреба;
– резиме на барањето.
Целото упатство за постапката за одобрување на барања за означување, презентација и рекламирање на храната особено во делот на одобрување на здравствените тврдења можете да го видите на овој ЛИНК.