Journalism Trust Initiative претставува интердисциплинарен чекор кон подобрување на професионалноста и транспарентноста во информацискиот и комуникацискиот простор.
Journalism Trust Initiative (JTI) е нова платформа лансирана од Репортери без граници, која, како што се наведува е насочена кон борба против ширењето на дезинформации преку идентификување и промовирање на сигурни извори на вести.
Како што пишуваат Репортери без граници, медиумите можат да ја користат новата апликација за проверка, откривање и промоција на усогласеноста на нивните уреднички постапки со најдобрите практики и дека оваа иницијатива претставува радикален и иновативен чекор напред во борбата против дезинформациите.
Репортери без граници пишува дека Journalism Trust Intitative е алатка за транспарентност која промовира веродостојно новинарство, а јадрото на иницијативата е самооценување на медиумите за да се дијагностицира и промовира точноста на нивното новинарство со цел изградба на поздрав систем на информирање, препознавање и наградување на веродостојното известување, но и враќање на јавната доверба во новинарството.
Како што се наведува, платформата Journalism Trust Intitative е развиена во соработка со повеќе од 130 организации и поединци што ја претставуваат медиумската индустрија, академската заедница, регулаторните и саморегулаторните тела, технолошките компании и секторот за развој на медиумите.
Понудата на Journalism Trust Intitative се рефлектира во три фази каде медиумите првенствено се поканети да извршат самопроценка преку новата платформа, потоа да ги објават овие резултати доброволно и транспарентно, а последната фаза е надворешна ревизија која вклучува независна проценка од страна на овластено сертифицирано тело. По успешно завршување на овие три фази, Репортери без граници пишува дека медиумите ќе бидат сертифицирани и ќе им биде доделена Journalism Trust Intitative ознака (ознака JTI).
Со цел да добијат сертификат и JTI ознака, секој медиум може да се приклучи и да креира својот профил преку овој линк. Journalism Trust Intiative е достапна на англиски, француски и шпански јазик.
Генералниот секретар на Репортери без граници Кристоф Делуар, меѓу другото, порача дека во сегашниот информациски хаос, лагите, пропагандата и говорот на омраза имаат предност во однос на новинарството, што има негативни последици врз одржливоста на новинарството, но и за јавноста, затоа што ја ограничува способноста на јавноста во донесувањето одлуки засновани на факти.
Развојот Journalism Trust Intitative, како што пишува Репортери без граници, претставува директен одговор на ширењето на дезинформации во последниве години, а според Edelman Trust Barometer 2020, 74% од корисниците на интернет изјавиле дека се загрижени за ширењето дезинформации на социјалните мрежи, додека 64% од нив ги користат медиумите за веродостојни информации.
Повеќе информации за процесот Journalism Trust Intitative ќе бидат презентирани на вебинарот што ќе се одржи на 7 јуни оваа година, каде претставниците на медиумите вклучени во пилот фазата на развој на новата платформа ќе ги споделат своите искуства. Регистрацијата за вебинарот може да се изврши преку веб-страницата на Репортери без граници.
извор: RSF