Денеска е објавен последниот извештај на Репортери без граници за сите земји во светот, каде што Македонија бележи подобрување од две места во глобалниот индекс, но и понатаму останува проблемот со заканите и нападите кон новинарите и медиумите.
Од организацијата за слобода на медиумите и заштита на новинарите во светот велат дека пандемијата од Ковид-19 се злоупотреби за да се ограничи работата на новинарите и нагласуваат дека ситуацијата со медиумите се влошува во сѐ повеќе земји во светот.
Најдобро котирана останува Норвешка петта година по ред, следуваат Финска, Данска и Шведска. На дното се Еритреа, Северна Кореа на 179-то место, потоа Туркменистан и Кина.
Северна Македонија од 92-ро се искачи на 90-то место во глобалниот индекс, но описот на состојбата е критичен за 2020 година, а земјата е полошо пласирана од Босна и Херцеговина (58 место) , Албанија (83 место) и Косово (78 место) , но подобро од Србија (93 место), Црна Гора (104 место) и Бугарија (112 место). Тоа е резултат како поради пандемијата, така и поради парламентарните избори.
„Податоците во индекост покажуваат драматично намалување на пристапот на луѓето до информации и зголемените пречки за известување. Пандемијата со коронавирусот беше искористена како изговор за да се оневозможи пристапот на новинари до извори на информации и известување од терен. Дали овој нивен пристап ќе биде вратен по крајот на пандемијата? Податоците покажуваат дека новинарите се соочуваат со сè поголеми потешкотии да известуваат и да покриваат чувствителни теми, особено во Азија, Блискиот Исток и Европа“, се наведува во извештајот.