Во пресрет на Меѓународниот ден на планетата Земја, репортерот Николас Кејси и фотографот Џош Ханер од „Њујорк Тајмс“ живееле една недела на брод со цел да ги истражат последиците кои ги предизвикуваат климатските промени врз кревкиот еко-систем на островите Галапагос, едно од местата кои го инспирирале Чарлс Дарвин да ја развие Теоријата на еволуција.
Репортерите од прва рака ги согледале страшните ефекти на климатските промени – стерилни птици, морски лавови на умирање, популација на риби која исчезнува.
Оригинално наменето како извештај за климатскиот оддел на „Њујорк Тајмс“, искуството на двајцата репортери е илустрирано и преку краток спот креиран од страна на агенцијата Droga5, во режија на Даниел Линдзи и Ти-Џеј Мартин од продукцијата Furlined.
Спотот е објавен како дел од поголемата кампања „Вистината вреди“ на „Њујорк Тајмс“. Во рамки на кампањата претходно беа објавени и спотови кои известуваат за политички злоупотреби и мигрантската криза, илустрирајќи ги напорите кои ги прават новинарите за да дојдат до вистинската приказна.