Рестораните за брза храна важат за едни од најголемите и најпрепознатливи огласувачи во светот. Токму поради тоа, на нашиот портал често можете да наидете на текстови за некоја кампања на МекДоналдс, Бургер Кинг или некој сличен бренд, чија кампања го предизвикало вниманието на светската огласувачка јавност или пак се закитила со награда на меѓународните огласувачки фестивали.
Од друга страна, кампањите на македонските брендови за брза храна се вистинска реткост. Сепак, позитивен исчекор во таа насока направи синџирот на ќебапчилници „Тетекс“, кој се одлучи за бренд активација што комбинира традиција, натпревар, забава, но и хуманост.
Имено, по повод 55 години постоење, „Тетекс“ одлучи да организира „Лига на шампиони“ во најбрзо јадење на ќебапи. Секоја недела, учесниците се натпреваруваат што е можно побрзо да изедат 30 ќебапи, а четворицата победници од неделните натпреварувања се пласираат во месечното финале – каде потоа се борат за награда од 500 евра.
Првото месечно финале се одржа во првоотворениот локал на „Тетекс“ во Старата скопска чаршија. Натпреварувачите донесоа и своја публика која навиваше за нив, а можеше исто така да ужива во вкусните ќебапи и бургери што беа подготвени специјално за „навивачите“.
Првиот месечен победник во „Тетекс Лигата на шампиони“ за најбрзо јадење ќебапи е Андреј Постоловски, кој што успеа да изеде 30 ќебапи за 5 минути и 25 секунди и така освои парична награда од 500 евра. „Тетекс“ ги изненади и останатите тројца натпреварувачи од месечното финале и им додели ваучери со кои добија 1000 денари буџет кој може да го искористат во рестораните на Тетекс, 50% попуст на ставката технички преглед и 2000 денари гориво на бензинските Петрол Оил и гратис пакување од осум Марфи макаронс.
Месечните финалисти кои освоиле по 500 евра, во завршното финале ќе имаат поголем предизвик каде ќе треба да изедат 55 ќебапи. Оној кој ќе успее најбрзо да ги изеде 55-те ќебапи ќе добие егзотично патување за двајца. Второнаградениот ќе добие седум дена летување во Саранда, Албанија, во апартманите „Аква-блу“, а третонаградениот ќе добие Ајфон 16. Секој од нив ќе добие и ваучер од Тетекс во вредност од 55 илјади денари коj ќе може да го користи во нивните ресторани.
Притоа, „Лигата на шампиони“ е отворена за сите оние кои сакаат да учествуваат, да се забавуваат, но и да поддржуваат хуманитарни активности. Пријавата во натпреварот чини симболични 300 денари, кои на крајот на секој месец се донираат во ЈУ Детски Дом „11 октомври“. Колку повеќе учесници, толку поголема донација.