Познатиот германски производител на автомобили БМВ, неодамна, со лансирањето на новиот електричен модел I4, го претстави и своето ново лого
Новиот „знак“, кој се карактеризира со дводимензионален дизајн и транспарентен (проѕирен) прстен кој ги опкружува познатите пропелери во традиционалните баварски бои, предизвика прилично бурни реакции, како меѓу приврзаниците на познатиот баварски бренд, така и меѓу љубителите на автомобили воопшто.
И додека некои експерти го пофалија дизајнот и подготвеноста на компанијата да ја подреди традицијата на трендовите на дигиталното време, германската агенција за истражување на пазарот „YouGov“ спроведе големо истражување за да открие како новото лого е прифатено помеѓу германските возачи.
Прво се издвоени две групи на испитаници. На првата им беше прикажано старото лого со црн прстен, за кое 49% од испитаниците изјавиле дека се задоволни од она што го гледаат. На втората група им беше прикажано новото „транспарентно“ лого, за кое позитивно се изјасниле само 28 проценти од испитаните.
Конечно, на испитаниците од двете групи им беа прикажани двете логоа едно покрај друго.
Дури 71% од членовите на обете групи се изјасниле дека старото „тродимензионално“ лого е подобро. Само 8% од испитаниците го претпочитаат новото лого, додека другите 21% се изјасниле како неодлучни.
Инаку, како што пишуваат германските медиуми, по првичниот ентузијазам за овој редизајн, БМВ објави дека новото лого ќе се користи „само во комуникацијата“, нема да го става на нивните автомобили и мотоцикли, нуту во продажните салони.