Популарниот бренд на гумени бонбони Haribo одбележува една деценија од лансирањето на бренд платформата “Kids’ Voices” („Детски гласови“) за британскиот пазар, со ново продолжение кое нè води во Шкотските Гори.
Во спотот гледаме двајца рибари кои трпеливо седат во своето бродче на езерото Лох Нес, споделувајќи пакетче гумени бонбони за да ја разбијат монотонијата. Инспирирани од обликот на една бонбона, започнуваат разговор за митското чудовиште од именуваното езеро. Иако инсистираат дека тоа не постои, тонот на едниот од рибарите оддава знаци на одредена загриженост. Притоа, целиот разговор е надсинхронизиран со детски гласови. :)
„Возбудени сме што објавуваме нова реклама од „Детски гласови“ за да ги забавуваме нашите потрошувачи и (се надеваме) да внесеме малку повеќе радост во секојдневието на сите. Секоја кампања што може да трае десет години и сè уште да ги воодушевува потрошувачите е посебна и ние сме горди на нашето дело“ – посочува Фил Марфи, директор за маркетинг во Haribo за Обединетото Кралство и Ирска.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција Quiet Storm.