Американската осигурителна компанија CSAA Insurance ја ангажираше британската поп-ѕвезда Рик Естли, кој што во 1987 година ја објави култната песна “Never Gonna Give You Up” („Никогаш нема да се откажам од тебе“).
Песната повторно доби на популарност со развојот на интернет културата во последните десетина години, главно употребувана во хумористични цели. Сепак, се чини дека на изведувачот воопшто не му смета новостекнатата популарност, па со задоволство ја прифатил поканата на CSAA Insurance да го рекреира видеоспотот на својот музички хит 35 години по неговото иницијално лансирање.
Преработката на CSAA Insurance го враќа Рик Естли во култните облеки и кореографија, сцена по сцена, истовремено повикувајќи ја публиката повторно да размисли за осигурувањето на CSAA: дека „никогаш нема да ве предаде, да ве разочара, ниту да трча наоколу и да ве остави“.
Дополнително, компанијата создаде специјален QR-код со препознатливата фризура на Естли, кој ќе се најде на билборди ширум САД. При скенирање, кодот ќе ја води јавноста кон рекреираниот музички спот т.е. реклама на Рик Естли и CSAA Insurance.
Порано годинава, Рик Естли се најде и во новогодишната кампања на грицките Frito-Lay.