Нова студија од WARC покажува дека глобалните инвестиции за огласување сега се на пат да пораснат за 6,7% оваа година, достигнувајќи вкупна вредност од 1,15 милијарди долари, што всушност претставува намалување за речиси еден процентен поен во однос на ноемвриските прогнози на WARC, и тоа поради растечката нестабилност на пазарот. Дополнително намалување од 0,7% е предвидено за 2026 година, сведувајќи го проектираниот раст на 6,3%.
Основните фактори за овие надолни ревизии имаат широк опсег, но суштински меѓу нив е зголемениот ризик од стагнација – или целосна рецесија – во големите економии, надополнето со зголемените трошоци за трговија т.е. тарифи што ги наметнува САД. Заострените регулативи во Европската унија, намалените маржи и ниската деловна и потрошувачка доверба се исто така фактори кои придонесуваат кон негативниот исход.
„Глобалниот огласувачки пазар се соочува со зголемена неизвесност бидејќи трговските тарифи, економската стагнација и заострувањето на регулативата ги нарушуваат клучните сектори – сето ова нè наведува да ги намалиме прогнозите за раст за 20 милијарди долари во следните две години“ – истакнува Џејмс Мекдоналд, директор за податоци и прогнози во WARC.
Најновите глобални проекции на WARC се засноваат на податоци собрани од 100 пазари ширум светот и користат комерцијална невронска мрежа која проектира обрасци за огласувачки инвестиции врз основа на повеќе од две милиони точки на податоци. Тука спаѓаат макроекономските податоци, приходите на сопствениците на медиуми, инвестициите за маркетинг од најголемите светски огласувачи, трендовите на консумација на медиумите и инфлацијата на медиумските трошоци.
Автомобилскиот, малопродажниот и технолошкиот сектор ќе претрпат најголем удар од наметнатите тарифи
Огласувачките инвестиции во автомобилскиот сектор ќе се намалат за 7,4% оваа година, во услови кога производството стагнира, а клучните играчи кратат трошоци во ставката за „бренд билдинг“.
Трговците на мало ќе ги намалат своите огласувачки инвестиции за 5,3%, главно поради „стеснувањето“ на профитните маржи. Притоа, американските трговци на мало се подложни на прекини во синџирот на снабдување со кинеските добавувачи.
Растот на инвестициите за огласување ќе се преполови кај технолошките и електронските брендови, затоа што наметнатите трговски бариери го нарушуваат пристапот до компоненти за производството на нови уреди.
Онлајн платформите успешно се справуваат со регулаторните притисоци
Интернет пребарувањето ќе сочинува повеќе од една петтина (21,7%) од пазарот за огласување, при што инвестициите во оваа форма на огласување ќе се зголемат за 8,0% оваа година, достигнувајќи износ од 250 милијарди долари, и покрај регулаторните притисоци.
Социјалните медиуми, како најголем поединечен медиум за огласување на глобално ниво, ќе сочинуваат една четвртина од сите инвестиции за огласување оваа година.
Медиумите за малопродажба ќе бидат еден од најбрзо растечките медиуми за огласување оваа година, иако нарушувањето на трговијата ги загрозува приходите од реклами од брендовите за производи за широка потрошувачка (CPG).
Намалена економска перспектива на клучните огласувачки пазари
Американскиот огласувачки пазар се очекува да забележи солиден раст оваа година (+5,7%), иако тој раст ќе биде помалку од половина од оној забележан во 2024 година (+13,1%).
Кинескиот огласувачки пазар продолжува да се бори со слабата домашна побарувачка, така што се очекува дека раст ќе се намали на 5,3% оваа година, односно на 3,5% во 2026 година.
Британската, германската и јапонската економија се во застој, што претставува сериозен ризик од комбинирана стагнација и инфлација во текот на прогнозираниот период.