Илјадници родители во Холандија во име на своите деца бараат отштета од популарната видео платформа ТикТок.
Тие бараат вкупно повеќе од 1,4 милијарди евра, објави во средата холандската Асоцијација за истражување на информациите за пазарот (SOMI). Според нив, станува збор за повеќе од 64 000 родители.
Како причина се наведува тоа што ТикТок без дозвола собирал податоци за малолетни лица со цел таргетирано рекламирање. Покрај тоа, децата се изложени на опасности преку таканаречени предизвици во кои корисниците на платформата бараат едни од други да извршат ризични дела.
Здружението за истражување на информациите за пазарот е непрофитна организација посветена на заштитата на основните права на корисниците на интернет услугите, се наведува на нивната веб-страна.
ТикТок е во сопственост на кинеската компанија ByteDance. Операторот на платформата претходно објави дека презема мерки за зголемување на безбедноста на младите корисници.
Според условите за користење на ТикТок, на малолетниците им е потребна согласност од нивните старатели. Децата на возраст под 13 години не смеат да ја користат апликацијата.
Компанијата на својата веб-страница посочува дека корисниците имаат пристап до поставките за приватност, за да можат „да ги изберат поставките што им одговараат“.