Новиот извештај покажа недостиг на доверба во медиумите
Публиката се` помалку им верува на медиумите и не сака да ги плати, а за споделување вести најчесто користи приватни пораки, покажа новото истражување на Институтот за новинарски студии на Ројтерс.
Во извештајот се вклучени 38 земји од Европа, Америка, Азија и за прв пат, Африка, во кој се наведуваат финансиските проблеми на онлајн-медиумите поради зголемување на популизмот, политичката и економската нестабилност заради кои оваа година се забележани голем број на отпуштања. Забележан е и мал број на оние кои плаќаат онлајн содржини со нивната претплата, членство или донација.
Иако во последниве години голем број медиуми воспоставија налози за членство и забележаа значителен пораст на дигиталните претплати, истражувањето на Ројтерс забележа само мало зголемување на онлајн плаќањата во истражуваните земји, додека во земјите како што се САД, Велика Британија, Франција, Шпанија, Италија и Германија процентот се задржа на 11 проценти од испитаниците кои би платиле за содржината. Во исто време, се зголеми бројот на претплатници во големите медиуми, како што се Њујорк Тајмс, Волстрит Журнал и Вашингтон Пост.
Претходните истражувања Ројтерс Институтот за новинарство покажаа најголем скок во бројот на оние кои плаќаат за медиумски содржини во 2017 година и од тогаш не е забележан значителен раст.
Најновите податоци покажуваат дека најголемиот број на претплатници на онлајн содржина е забележан во скандинавските земји, Норвешка и Шведска, чии медиуми нудат freemium, metered и hard paywall модели на претплата.
Сепак, истражувањето покажа дека повеќето луѓе не се подготвени да платат за онлајн содржини и претпоставуваат дека таквиот тренд ќе продолжи, бидејќи публиката е задоволна со вестите кои им се нудат бесплатно. Повеќето испитаници наместо на вести, попрво ќе платат за забавните содржини понудени од Netflix, Spotify и Amazon Prime.
Поради недостаток на доверба во медиумите, публиката се` повеќе испраќа вести преку апликации кои ги нуди социјалната мрежа Фејсбук (WhatsApp, Instagram, Facebook Messenger), што доведува до потенцијално ширење на информации. Во повеќето истражувани земји во споредба со минатата година, се зголемил бројот на корисници на WhatsApp и Instagram.
Јавните и приватните Фејсбук групи во кои се дискутира за вести и политика се најпопуларни во Турција и Бразил, додека најмалку се застапени во Канада и Австралија, се наведува во истражувањето.
Недостатокот на доверба во медиумите предизвикан од дезинформации е забележан кај 55 проценти од испитаниците од 38 опфатени земји.
Вкупниот процент на доверба падна за два проценти, каде што има значителни разлики во земјите опфатени со истражувањето. Медиумите и натаму имаат силна доверба во Финска, Португалија и Данска, со речиси 60 проценти. Публиката има најмалку доверба во медиумите во Унгарија, Грција и Кореја, поради политичкото влијание и недостатокот на независност, чиј процент е под 30 отсто.
извор: media.ba