Фудбалската ѕвезда Кристијано Роналдо е лице кое често го гледаме во рекламите за брендови како Најк и Кока Кола. А последната негова реклама е за најголемата кампања досега за LiveScore, глобален бизнис кој делува на 200 територии и обезбедува спортски информации во реално време.
Ова е деби ТВ реклама на овој бренд, а е креирана од страна на лондонската агенција Wonderhood Studios во соработка со медиската агенција Bicycle London. LiveScore инвестираше во кампањата седумцифрен медиска план, а ќе се емитува на Sky Sports и BT Sport за време на секој натпревар од Премиер лигата оваа сезона.
Компанијата има амбициозни цели, а тоа е да достигне до над 75% од навивачите во Британија и повеќе од 95% од “сериозните” љубители на спортот. Покрај телевизискиот спот, предвидени се и активности за надворешно рекламирање.
Креативната идеја е дека резултатот во играта може да го надмине спортскиот свет и да значи многу повеќе за многу фанови. За илустрација на идејата, рекламата го носи гледачот на фудбалски натпревар, кога Роналдо ја шутира топката и целиот свет го гледа во неизвесност.
Со оперски саундтрак, дејството се одвива во забавена снимка, прикажувајќи различни луѓе, од таксисти и угостители, преку свештеници, па дури и астронаути, кои го чекаат клучниот момент. Откако Роналдо постигнува гол, видеото повторно се забрзува за да предизвика луда возбуда кај неговите фанови.
Роналдо премиерно ја објави рекламата на неговите профили на социјалните мрежи.
Видеото е во режија на Крис Хјуит во соработка со продуцентската куќа Knucklehead.
“‘More than a score“ е вкоренето во разбирањето дека за играчите, клубовите и навивачите од сите сфери на животот, голот е многу повеќе отколку само бројка“, вели Аидан МекКлур, главен креативен директор на агенцијата Wonderhood Studios. „Ја препознава и слави вистинската агонија и екстаза што ги чувствуваш како навивач и покажува како еден гол може да промени се`.