На престижниот светски натпревар на розе вина „Le Mondial du Rosé 2016“, што се одржа во француски Кан, винарската визба „Тиквеш“ освои два сребрени медали за „Александрија куве“ и „Розе Класик“ од бербата 2015-та.
Во исклучително голема и остра конкуренција од над 1200 вина од целиот свет, тие се единствените наградени вина од Македонија. Од регионот, наградено е само уште едно вино од Бугарија.
„Задоволни сме од овој најнов успех на нашите две викококвалитетни розе вина. Значењето на освоените медали на светскиот натпревар на розе вина е дотолку поголемо ако се знае дека најголемиот број наградени вина потекнуваат од најпознатите светски вински региони во Франција, Шпанија и Италија. Во светот на виното, вбројувањето во тоа друштво е најдобрата можна препорака за квалитетот на нашите вина и е доказ дека „Тиквеш“ располага со знаење и технологија кои и овозможуваат да произведе вина со светски квалитет“, вели генералниот директор на винарската визба „Тиквеш“, Игор Илиевски.