Канадската видео-платформа и давател на клауд услуги Rumble соопшти дека постигнала партнерски договор со американската медиска компанија за спорт и популарна култура Barstool Sports.
Партнерството ќе им обезбеди на корисниците на Rumble пристап до сите содржини на Barstool Sports на платформата, вклучувајќи преноси во живо. Притоа, Barstool Sports ќе го промовира Rumble како нивна преферирана видео платформа. Широкото партнерство ќе вклучува и огласувачки аранжман според кој двете компании ќе се трудат да ги привлечат огласувачите и брендовите на платформата Rumble. Како уште голем чекор за двете компании, Barstool Sports ќе добие пристап до Rumble Cloud како нивен примарен давател на основни клауд услуги.
Во изминатите три години, Barstool Sports ја зголеми својата публика за 194% и достигна 1,6 милијарди преземања на нивните поткасти, покрај успешната продажба на брендирана стока еднакава на 5 милиони парчиња облека, лиценцирани производи и аксесоари.
„Возбуден сум за посветеноста на Rumble кон спортот и проширувањето на публиката. Со моќта на Barstool Sports, ќе му помогнеме на Rumble да биде најдобриот играч во сферата на видео содржините, клауд услугите и преносите во живо“ – истакна основачот на Barstool Sports, Дејв Портној.
„Партнерството со Barstool Sports е голем чекор во исполнувањето на нашата мисија да продолжиме да градиме портфолио на широко популарни спортски и забавни содржини. Rumble брзо се наметнува како водечка платформа за демографијата под 30 години и ние сме возбудени што Barstool Sports ќе биде значаен дел од нашиот брз раст“ – посочи претседателот и извршен директор на Rumble, Крис Павловски.
По соопштувањето на договорот со Barstool Sports, акциите на Rumble скокнале за неверојатни 43%, додавајќи вредност од над 500 милиони долари кон опшата вредност на компанијата.