Рускиот државен регулатор за комуникации ги казни технолошките гиганти Google и Meta со високи парични казни бидејќи не отстраниле одредени забранети содржини.
Google ќе треба да ѝ плати на руската држава 87 милиони евра, додека пак Meta, во чија сопственост се Facebook и Instagram, ќе треба да плати 23 милиони евра. Сумите се одредени врз база на нивните приходи во Русија.
Официјално, компаниите се казнети поради „рецидивизам“, односно „повторување на престапи“ во врска со бришењето на содржини кои „предизвикуваат верска омраза“, „содржат непроверени или опасни информации за малолетници“ или „поттикнувале тероризам или екстремизам“.
Во последните години, руските власти сé повеќе се обидуваат да ја засилат својата контрола врз интернетот во државата, што истовремено вклучува и поголем притисок врз работењето на големите технолошки компании, особено оние странските.