Рускиот претседател Владимир Путин потпиша нов закон со кој се забранува употребата на криптовалути и уникатни токени (NFT) како средство за плаќање.
„Забранет е трансфер или прифаќање на дигитални финансиски средства во замена за стока и извршени услуги, како и за било кој друг случај во кој може да се претпостави дека се работи за плаќање за одредени добра преку дигитални финансиски средства“, стои наведено во новиот закон.
Претходно, по руската инвазија на Украина, еден дел од руските компании кои беа зафатени со економските санкции против државата наводно користеле криптовалути за да ги заобиколуваат наметнатите ограничувања.
Меѓутоа, руските власти сепак не се покажаа како премногу наклонети кон дигиталните валути, а Централната банка на Русија претходно повика и на целосна забрана на криптовалутите. Но, од друга страна, рускиот министер за финансии се спротивставил на таквата идеја, верувајќи дека крипто-технологијата треба да продолжи да се развива.
Во секој случај, се чини дека и покрај законот кој го забранува плаќањето со криптовалути во државата, Русите и понатаму ќе продолжат да инвестираат во овие дигитални валути и да ги „копаат“.