Пред два месеци, американскиот Сенат изгласа легислатива со која се забранува употребата на кинеската социјална мрежа ТикТок на сите службени паметни телефони кои им припаѓаат на официјални претставници на американските власти. Една недела подоцна, здружена група американски сенатори од Републиканската и Демократската предложија закон за целосна забрана на ТикТок од било какво деловно работење во САД.
Додека се чека одлуката по однос на вториот подрастичен предлог, извршната власт на американскиот претседател Џо Бајден почна со спроведување на првата одлука на Сенатот и во понеделникот официјално им наложи на сите државни службеници да го избришат ТикТок од своите службени уреди.
Но, САД не се единствените кои спроведуваат таква политика. Денес беше соопштено дека Канада исто така донела одлука според која сите владини службеници треба да прекинат со користењето на ТикТок.
Пет дена претходно, иста таква одлука донесе и Европската Комисија, како извршно тело на Европската Унија, со важност за сите свои вработени кои ќе треба да ја отстранат апликацијата од паметните уреди најдоцна до 15 март.
Ваквата серија на забрани доаѓа по јавната загриженост за безбедносните импликации од користењето на платформата, по континуираните обвинувања насочени кон ТикТок дека апликацијата би можела да се користи за шпионажа.