Петтиот бизнис саем за информирање, комуникации и маркетинг “Медиа маркет“, ќе се одржи од 23 до 27 октомври 2019 година во хала 3 на Белградскиот саем во Белград.
Со својот концепт, атрактивен изглед и богата понуда, Саемот на медиуми се наметна како уникатна регионална манифестација, која досега ја посетија повеќе од 600 илјади посетители. Веќе петта година, “Медиа маркет“ е место за средби на луѓе од медиумскиот бизнис каде што се разменуваат информации и идеи, се воспоставува и развива соработка, се претставуваат и започнуваат нови проекти. Во исто време, медиумите и медиумските професионалци, особено уредниците и новинарите, имаат можност директно да се состанат со својата публика, но и со конкуренцијата.
И оваа година, на посетителите ќе им бидат претставени најголемите медиумски компании, издавачи на дневни весници и списанија, радиски и ТВ куќи, интернет, специјализирани и регионални изданија, здруженија на новинари и агенции, како и други организации од областа на медиумите и пазарните комуникации. Исто така, ќе биде застапена и понуда за студиска опрема и софтвер.
Во придружната програма, на главната сцена и на штандовите на излагачите ќе учествуваат атрактивни гости од разни области. На голем број панели ќе бидат застапени актуелни теми од медиумската сфера и општествениот живот. Презентирање на добро познати и нови изданија, емисии и проекти, учество на интересни медиумски личности, мини концерти, општествено одговорни активности на излагачите, наградни игри и други активности ќе бидат составен дел од годинешниот настан. Како и во претходните години, саемските настани ќе бидат проследени со телевизиски пренос во живо.
Како поддршка за унапредување на деловната димензија на овој настан и годинава ќе функционира B2B портал, преку кој излагачите и деловните посетители ќе можат да се поврзат и да договорат соработка.