Само 4 проценти од македонските купувачи изјавиле дека се помеѓу првите што купуваат нов производ кога ќе се појави на пазарот, додека речиси четвртина од купувачите се консултираат со своите партнери кога прават набавки на производи за широка потрошувачка, пишува Боге Божиновски, директорот за продажба во GFK Skopje во неговата статија објавена на Instore.mk, анализирајќи ги резултатите од Shopping Monitor истражувањето.
Во споредба со минатата година, македонските купувачи стануваат повнимателни при купувањето. Имено, повеќе од половината (53 отсто) изјавиле дека пред да одат на купување, прават список по кој се раководат при купувањето, што, во споредба со минатата година, е скок од 4 процентни поени (49 отсто минатата година изјавиле дека прават список).
Четвртина (24 отсто) од купувачите добиле флаер од некој трговец, што е зголемување за 5 процентни поени во однос на минатогодишното истражување.
Промоциите (22 отсто) и флаерите на продажното место (22 отсто) остануваат најчестиот извор од каде купувачите ги добиваат информациите за понудата на трговците.
Малопродажни канали
Кога се работи за македонскиот купувач, особено во однос на купувањата производи за широка потрошувачка (храна и пијалaци), купувањето преку интернет сé уште не е толку застапено. Незначителен процент купувачи изјавиле дека овој вид производи ги купуваат преку интернет и во овој поглед нема тренд кој укажува на зголемена употреба на интернет-купувањата туку, напротив, процентот на купувачи што купуваат производи за широка потрошувачка преку интернет дури е понизок во однос на минатата година.
Од друга страна, во однос на традиционалното купување во продавници, забележително е дека забавува трендот на избор на поголеми формати на продавници (супермаркети, хипермаркети) при купување, односно купувачите се враќаат на помалите продавници за своите набавки. Ова може да се заклучи преку споредба на податоците од минатогодишниот Shopping Monitor со податоците од оваа година:
- Оваа година, 16 отсто од купувачите изјавиле дека прават големи набавки на неделна основа наспроти 25 проценти минатата година;
- Процентот на купувачи што одат со автомобил на пазарење (вообичаено станува збор за големи набавки во супермаркети/хипермаркети) оваа година изнесува 52 отсто споредено со ланските 65 проценти;
- Конечно, процентот на купувачи што купуваат приватни трговски марки (кои единствено можат да се најдат во големите формати на продавници) е опаднат на 50 проценти наспроти 53 отсто минатата година.