Туристичкото биро на островската држава Самоа лансираше нова кампања со која го потсетува познатиот холивудски актер Двејн „Карпата“ Џонсон зошто неговата родна земја треба да биде на врвот од неговата листа за посета, секако штом повторно стане безбедно за патување.
Едноминутниот видео спот ги претставува убавините на Самоа, вклучувајќи ги нејзините национални паркови, плажи и туристички ресорти. Притоа, локалците изразуваат отворена покана до „Карпата“ и сите туристи да ја посетат државата, нудејќи им чашка текила од брендот Termana, инаку во сопственост на „Карпата“ Џонсон.
Самоанската фамилија на Џонсон од неговото родно место споделува приказни за тоа како се тие поврзани со него, истакнувајќи ги неговите успеси и чувството на гордост кое тој им го носи со своите постигнувања.
„Сакавме да го предизвикаме вниманието на Сејули (самоанското име на Двејн Џонсон) на еден забавен и креативен начин, истовремено промовирајќи ја државата пред неговиот милионски број на следбеници ширум светот,“ истакнува Фаматуајну Ленетај Суифуа, генерален директор на туристичкото биро на Самоа.
„Изминатата година беше навистина тешка за нашата мала островска држава, како и за сите дестинации кои зависат од меѓународниот туризам, но остануваме посветени на безбедноста на нашите луѓе додека со нетрпение го очекуваме моментот кога повторно ќе можеме да се отвориме за меѓународните туристи и можноста да му кажеме „добредојде дома“ на нашиот Двејн“, додава тој.